Промовирани огласи »

17 мај 2021 година, Скопје

Групацијата „Хедхантер“ (Headhunter), заедно со непрофитната организација Dignity Global и нејзината фондација People First, и со силна поддршка од Амбасадата на Холандија во Северна Македонија како дел од нејзината социјална одговорност го креираа и го спроведоа Индексот на еднаквост во вработувањето на лицата од ЛГБТИК заедницата.

„Хедхантер“, најголемата групација што работи во областите на човечки ресурси на Западен Балкан, исто така присутна во Кипар, Грција и САД, ве поканува да ја следите официјалната презентација на Индексот на еднаквост во вработувањето на лицата од ЛГБТИК заедницата. Индексот за прв пат е воведен во Северна Македонија и претставува систем за рангирање на компании кои ги штитат и поддржуваат правата и достоинството на барателите на работа и вработените од ЛГБТИК заедницата. Индексот ги наградува компаниите кои посветено ја практикуваат различноста на работното место. Индексот претставува и одлична можност за компаниите, барателите на работа и правните органи да ги промовираат најдобрите практики во секторот за вработување. Ова е можност да се обезбедат конкретни информации за едукацијата и подигањето на свеста против дискриминацијата на работното место.

People First е дел од светската невладина организација Dignity Global основана во 2019 година со седиште во Њујорк. Главниот фокус е ставен на еднаквите можности на сите ширум светот, без оглед на расата, возраста, полот, верските убедувања или културното потекло.

Основачот на Групацијата „Хедхантер“, господинот Елтон ИЛИРЈАНИ, во врска со овој Индекс рече: „Индексот го создадовме како начин на кој поконкретно ќе придонесеме кон подобрување на животот на граѓаните кои се дел од ЛГБТИК заедницата, воведувајќи го најпрвин во Албанија, а потоа и во Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Со зајакнување на конкурентскиот дух во приватниот сектор, овој Индекс го создадовме за да ги наградиме компаниите за нивните напори да вклучат ЛГБТИК лица на работното место и да ги охрабриме компаниите, од година во година, да добиваат сè повисок рејтинг“.

Во истражувањето на Индексот беа вклучени 70 компании и организации од Северна Македонија, од голем број индустрии, кои изразија подготвеност да учествуваат во ова истражување.

Следејќи стандардизирани формат и методологија, вработените во Групацијата „Хедхантер“, во текот на интервјуата, прават верификација на спроведените политики и практики. Од 70-те компании учеснички, пет успеаја да освојат награди, и тоа: бронза, сребро и злато.

Анализата на наодите покажа дека политиките, различностите, практиките и програмите на работното место, воопшто, отсуствуваат во Северна Македонија. Дури и ако се присутни, генерално, не вклучуваат баратели на работа и вработени од ЛГБТИК заедницата. Компаниите немаат политики, практики и менаџери на човечки ресурси обучени во областа на различност на работното место.

Само да споменам неколку клучни наоди од студијата поврзани со неколку прашања: Дали компанијата има политика насочена против дискриминација и политика за еднакви можности за вработување што се однесува на сите вработени? 50% од компаниите наведоа дека моментално имаат политика за недискриминација и еднакви можности за сите вработени. Иако тоа претставува половина од компаниите учеснички, бидејќи ова прашање не се однесува конкретно на лицата од ЛГБТИК, туку за сите лица, тоа покажува дека сè уште има огромен простор за подобрување во градењето култура на недискриминација. Компаниите беа прашани дали политиката конкретно се однесува на ЛГБТИК и поврзаниот статус.  ниту една од компаниите немаше политики што содржеа јазик поврзан со ЛГБТИК и поврзаниот статус, повторно истакнувајќи го фактот дека политиките за вработување сè уште не ги штитат барателите на работа и вработените од ЛГБТИК заедницата. Меѓутоа, позитивно е што 13% од компаниите споменуваат дека сите термини се вклучени во нивните политики, а само 6% од компаниите ги обучуваат своите менаџери на човечки ресурси или други директори за недискриминација и еднакви можности.

Земајќи ги предвид наодите, Групацијата „Хедхантер“ гледа голема потреба од обука за различноста на работното место за компаниите во Северна Македонија, како и за стандардизираните политики и практики што компаниите можат да ги приспособат и усвојат. „Според наодите на Индексот, не бевме изненадени од недостатокот на заложба во различноста на работното место“, вели основачот на „Хедхантер“, господин Елтон ИЛИРЈАНИ, „но со оглед на негативноста, гледаме единствена можност и интерес од компаниите за усвојување политики и обучување на нивниот персонал за ова прашање. Подготвени сме да им понудиме поддршка на компаниите, врз основа на нивната подготвеност, така што им ги ставаме на располагање нашите технички вештини.

Групацијата „Хедхантер“ ќе ги прикаже резултатите од овој Индекс на 17 мај 2021 година на интернет-страницата на групацијата www.theheadhunter.com

Сите медиуми во земјата се поканети да го следат официјалниот извештај, каде за оваа година ќе бидат презентирани интересни резултати.

За повеќе информации за Индексот, посетете ја http://www.theheadhunter.com.

Промовирани огласи »

А1 Телеком Австрија групацијата веќе обезбедува 5G мрежи за 3,8 милиони Австријци, активирајќи повеќе од 1.000 локации оваа година, во урбаните и руралните области.

Операторот ја има и најголемата мрежа на влакна во Австрија со повеќе од 61.000 километри, а комбинацијата на двете ја опишува како 5Giganet.

На национално ниво

Извршниот директор на A1 групацијата, Томас Арнолднер изјави: „Само со национален, висококвалитетен пристап до дигиталните медиуми, услуги и бизнис модели, може да се искористи целосниот потенцијал на дигитализацијата во Австрија.

„Како компанија, во моментов сносиме уште поголема одговорност, бидејќи дигиталната инфраструктура, во која годишно само во Австрија инвестираме околу 450 милиони евра, е основа за иден раст, поголема иновативна сила и нови изгледи во руралните области.

„Ова обезбедува работни места и носи конкурентни предности. Со околу 1500 5G локации во моментов, веќе обезбедуваме 5G технологија за 3,8 милиони Австријци и правиме големи чекори кон нашата цел да и овозможиме на Австрија покриеност со 5G мрежата низ целата земја до 2023 година“.

Словенија

A1 групацијата потроши и 42,4 милиони евра на спектарот во Словенија - 2х10 МHz во 700 MHz, 1x40 MHz во 1,4 GHz, 2x15 MHz во 2,1 GHz, 1x100 MHz во 3,6 GHz и 1x400 MHz во 26 GHz.

Фреквенциите важат 15 години. А1 Телеком Австрија Груп ќе ја финансира аквизицијата на спектарот од тековниот паричен проток.

Во Бугарија

А1 Бугарија плати 2,4 милиони евра за „главната“ 5G лиценца во спектарот од 3,6 GHz, на тендерот организиран од Комисијата за регулација на комуникациите (CRC).

Операторот ја понуди првата 5G мобилна тарифа во земјата, една недела откако победи на тендерот.

Ковид-19 е поттик

Алехандро Платер, Извршен директор на А1 Телеком Австрија групацијата, прокоментира: „Потенцијалот на дигиталните технологии за одржливите позитивни идни можности продолжува да биде во фокусот на корпоративната стратегија на телекомуникациската групација.

„Огромното значење на системски критичната дигитална инфраструктура, како онаа што ја има А1 Телеком Австрија Груп за економски и социјален развој, не е познато само од Ковид-19 кризата. Ова се уште повеќе причини да продолжиме со нашите планови за воведување на 5G, за да гарантираме врвна мрежна инфраструктура, која е сигурна за иднината“.

Промовирани огласи »

Бил Гејтс во 2020 година го напуштил Управниот одбор на „Мајкрософт“, кога бордот на директори спровел истрага за поранешна романтична врска на милијардерот со вработена во неговата компанија, соопшти „Волстрит журнал“.

Основачот и поранешен шеф на американскиот технолошки гигант се повлече од претседателската фотелја во март 2020 година.

Членовите на бордот на „Мајкрософт“ одлучија дека Бил Гејтс треба да се повлече од него  уште во 2020 година, бидејќи спроведоа истрага за претходна романтична врска на милијардерот со жена вработена во компанијата, за која се сметаше дека е несоодветна, јави весникот, повикувајќи се на луѓе запознати со случајот.

Тоа била „афера од пред речиси 20 години, која завршила спогодбено“, изјави портпаролката на Гејтс.

Според портпаролката, Гејтс го напуштил „Мајкрософт“ за повеќе да се фокусира на неговата филантропска организација, фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.

Гејтс и неговата сопруга Мелинда, кои беа ко-основачи на нивната добротворна организација пред две децении во борбата против глобалната сиромаштија и болести, на 3 мај објавија дека се разведуваат по 27 години заеднички живот.

Портпарол на „Мајкрософт“ за француските медиуми изјави дека во втората половина на 2019 година компанијата била предупредена дека „Бил Гејтс во 2000 година се обидел да почне интимна врска со вработена во компанијата. Комитет на Бородот изразил загриженост, и потпомогнат од надворешна правна фирма, спровел темелна истрага “.

Вработената, инаку инженерка во компанијата, во писмо тврди дека „со години“ имала сексуална врска со Гејтс, јави „Волстрит журнал“.

Промовирани огласи »

Предолгото работно време е смртоносно за стотици илјади работници годишно ширум светот и ова е негативен тренд што може дополнително да се влоши и забрза со пандемијата на коронавирусот, предупреди во понеделникот Светската здравствена организација.

Резултатите од првата глобална студија за предвремена смртност поврзана со предолго работно време се објавени во списанието „Environment International“, пренесе Хина.

Тие посочуваат дека во 2016 година, околу 745 000 луѓе починале од мозочен удар или срцеви заболувања поврзани со долго работно време, што е скоро 30 проценти повеќе отколку во 2000 година.

„Работното време од 55 часа или повеќе неделно претставува сериозен здравствен ризик. Ние имаме намера да го искористиме ова знаење за да ги охрабриме инволвираните да се занимаваат и со тоа дополнително да ги заштитиме работниците “, рече Марија Неира, директор на Одделот за животна средина, климатски промени и здравје во СЗО.

Студијата, спроведена во 194 земји во светот од СЗО и Меѓународната организација на трудот, сугерира дека мнозинството жртви, дури 72 проценти, се средовечни или постари мажи.

Истражувањето, исто така, укажува на тоа дека жителите на Југоисточна Азија и Западен Пацифик, кои ги опфаќаат Кина, Јапонија и Австралија, се најмногу погодени од овој проблем.

Податоците сугерираат дека луѓето кои работат 55 или повеќе часа неделно имаат 35% поголем ризик од мозочен удар и 17% поголем ризик од исхемична срцева болест во споредба со оние кои работат помеѓу 35 и 40 часа неделно.

Студијата опфаќа период од 2000 до 2016 година, што значи дека не ја вклучувала пандемијата на коронавирус, но официјални лица на СЗО сметаат дека почестата работа од дома и забавувањето на глобалната економија, како резултат на коронавирусот, може да го зголеми ризикот.

„Пандемијата го забрза негативниот развој на настаните, што може да го поттикне трендот на продолжување на работното време“, стои во извештајот на СЗО, според кој денес најмалку 9 проценти од луѓето имаат премногу долго работно време.

Ограничувањето на бројот на работни часови би било корисно за работодавците бидејќи се покажало дека ваквиот потег ја зголемува продуктивноста на работникот, изјави техничкиот службеник на СЗО, Френк Пега, кој рече „во време на економска криза, паметно е да не се зголемува работното време“ „

СЗО објави дека, земајќи ги предвид податоците од оваа студија, ќе се обиде да ги подобри своите работни регулативи.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »