Европската комисија предложи воведување дигитален идентитет што ќе им овозможи на граѓаните пристап до јавните и приватните услуги преку мобилен телефон. Дигиталните паричници ќе имаат високо ниво на безбедност и пристап до широк спектар на услуги.
Според предлогот на новата регулатива, земјите-членки на ЕУ ќе можат да им нудат дигитални паричници на граѓаните и компаниите, кои ќе можат да ги поврзуваат нивните национални дигитални идентитети и докази за други лични атрибути, како што се возачка дозвола, диплома, банкарска сметка, итн.
Дигиталните паричници ќе бидат достапни за сите граѓани на ЕУ, луѓето кои живеат во Унијата и европските компании. Граѓаните ќе можат да го докажат својот идентитет и да споделат електронски документи од нивните европски паричници за дигитален идентитет со еден клик на екранот на телефонот.
Со помош на национална дигитална идентификација, која ќе биде препознаена низ цела Европа, тие ќе можат да пристапуваат до услугите на Интернет, а големите платформи ќе мора да прифатат употреба на европски паричници за дигитален идентитет доколку корисникот го побара тоа, на пример, за да ја докажат својата возраст.
Корисникот секогаш ќе може да одлучи дали сака да користи европски паричник за дигитален идентитет.
Дигиталниот идентитет на Европа ќе ни овозможи да се однесуваме дома во секоја земја-членка, без дополнителни трошоци и со помалку бариери, без разлика дали станува збор за изнајмување стан или отворање банкарска сметка во друга земја. Покрај тоа, ќе можеме да го сториме тоа на безбеден и транспарентен начин. Ние самите ќе одлучиме колку лични податоци сакаме да споделиме, со кого и со каква цел, рече извршната потпретседателка на ЕК, Маргарет Вестагер.
Европските паричници за дигитален идентитет ќе им овозможат на сите Европејци пристап до мрежни услуги без употреба на приватни методи за идентификација или непотребно споделување лични податоци и ќе имаат целосна контрола врз нивните податоци.
На пример, ако една млада личност сака да се зачлени во клуб во кој можат да се зачленат само оние над 18 години, тие ќе можат да го покажат само датумот на раѓање без да откриваат други информации од дигиталниот паричник.
Со цел да се спроведе овој предлог што е можно побрзо, ЕК ги повикува земјите-членки да развијат заеднички пакет алатки до септември 2022 година и веднаш да ги започнат потребните подготовки.
Европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон рече дека дигиталните паричници ќе имаат високо ниво на безбедност и пристап до широк спектар на услуги. Преку нив, граѓаните ќе можат да комуницираат со националните администрации, на пример, да поднесат даночна пријава или да се запишат на универзитет.
Европските паричници за дигитален идентитет нудат нов начин за складирање и употреба на податоци за сите видови услуги, од пријавување до изнајмување автомобили. Станува збор за давање избор на потрошувачите, европски избор. Овој дигитален идентитет ќе донесе придобивки и за големите и за малите европски компании, бидејќи решенијата за безбедни и сигурни услуги за идентификација од овој предлог ќе им овозможат да понудат широк спектар на нови услуги, рече Бретон.