Нови мерки во Грција кои стапуваат на сила на 13 септември и ќе важат до 31 март следната година беа соопштени денеска од министерот за здравство Василис Кикиљас.
Затворени простори само за имунизирани; задолжителни рапид тестови еднаш или два пати седмично за неимунизираните вработени во јавниот и приватниот сектор, но на сопствен трошок, по десет евра од тест; задолжителен негативен тест за патување со брод, автобуси, воз или авион за неимунизираните, се само дел од мерките во Грција.
Кикиљас истакна дека согласно податоците од Националната организација за јавно здравје, над 90 отсто од пациентите на Одделите за интензивна нега наменети за актуелната болест се неимунизирани и потенцираше дека нема повторно болниците да се станат само центри кои ќе лекуваат позитивни пациенти.
Мерките што ги соопшти ќе бидат за периодот од 13 септември 2021 година до 31 март 2022 година и пред сè се однесуваат на неимунизираните граѓани.
Поконкретно, како што пренесува МИА, неимунизираните вработени во приватниот и јавниот сектор ќе треба еднаш седмично да се тестираат со рапид тест, исклучиво во приватните дијагностички центри, тестот ќе биде десет евра, а неимунизираните сами ќе си ги покриваат трошоците.
За неимунизираните вработени во туризмот, образованието, угостителство, во телевизиските, театарските, кинематографските и музичките продукции, како и за студентите задолжени се два тестови седмично, кои исто така ќе ги чинат по десет евра од тест и ќе бидат на сопствен трошок. За учениците, задолжителни се два селф теста седмично, кои ќе бидат бесплатни.
Граѓаните кои планираат да патуваат со автобус, воз, брод или авион кон сите дестинации во Грција, а се неимунизирани, ќе треба, 48 часа пред патувањето да направат брз рапид тест, исто така по цена од десет евра.
Во однос на тестовите, Кикиљас соопшти дека од 13 септември во државните дијагностички центри, тестовите ќе бидат бесплатни само за имунизираните или за лицата со симптоми.
За неимунизираните, за онаму каде што ќе им бидат потребни негативни рапид тестови, ќе треба на свој трошок да се тестираат.
Влез во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, од 13 септември ќе биде дозволен само за имунизирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци ја прележале болеста.
За театрите, музеите, археолошките локалитети, како и за фитнес центрите и спортски клубови, влез е дозволен за имунизирани, за оние кои прележале, но и за оние кои имаат негативен тест направен 48 часа претходно.
За употребата на маска, и понатаму задолжителна е во затворените простори, но и надвор доколку има гужва.
Кикиљас, потсети дека на принуден одмор, од 1 септември ќе бидат здравствените работници и вработените во болниците кои ќе одбијат да се имунизираат, а задолжителната имунизација се однесува и на приватни лекари и на фармацевтите.
Паралелно, истакна дека за да се стигне до посакуваниот колективен имунитет од 80 отсто, потребно е да се имунизираат уште околу еден милион граѓани.