Британскиот принц Чарлс и престолонаследникот на Обединетото Кралство решија да отпатуваат за Барбадос, каде што се одбележува годишнината од ослободувањето од колонијалното владеење, при што кралицата Елизабета Втора ќе престане да биде суверена во таа островска земја.
Поради најавата на принцот Чарлс дека ќе присуствува на свечениот настан, бурно реагираше британската јавност и граѓаните на Барбадос, кои најавија организирање на протест веднаш по неговото пристигнување.
Сепак, тој ги демантираше шпекулациите дека ќе оди таму со цел да провоцира, наведувајќи дека е клучно Кралството да одржува добри односи со Барбадос и дека е во интерес на Британија да продолжи да ги зајакнува врските меѓу двете нации.
Бидејќи сега се менува вашиот уставен статус, важно е да ви кажам како нашите врски остануваат силни и како ништо нема да се промени – наводно стои во говорот што Чарлс ќе го прочита на церемонијата закажана за вечерва.
Се очекува принцот да им се обрати на жителите на Барбадос точно откако часовникот ќе ја отчука првата минута по полноќ и кога ќе почне 30 ноември, денот кога пред 55 години една мала островска држава на Карибите прогласи независност од британската колонијална власт и стана република.
Меѓутоа, во 1966 година Барбадос одлучи да ја задржи кралицата Елизабета Втора како своја суверена, што ќе се промени на денешната церемонија. На нејзино место ќе дојде претседателот на државата, чија инаугурација е најавена за утре.
Инаку, ова е првпат по три децении кралицата да биде сменета од функцијата шеф на државата, откако Маурициус, остров во Индискиот Океан, беше прогласен за република во 1992 година.