Данска, но и останатите членки на ЕУ, можеби наскоро ќе бидат приморани да го воведат еврото.
Иако Данците веќе изгласаа на референдум дека не го сакаат еврото, Европската комисија изгледа ќе ја присили таа скандинавска земја сепак да ја усвои единствената валута, пишуваат германските медиуми.
Белешките се појавија од минатонеделниот состанок во Стразбур, а во нив пишува како Комисијата сака сите, сега 27 земји членки на Унијата, да го усвојат еврото до 2025 година.
Претставници на ЕУ наводно ќе бараат буџет кој ќе биде усогласен со еврото и да има фискална даночна уплата од сите држави членки.
Меѓутоа, комесарот на ЕУ задолжен за еврото Валдис Домбровскис вели дека се е погрешно пренесено.
„Имаше некои забуни. Она за што ќе се расправа во наредниот период е каква ќе биде монетарната унија во иднина. Тоа не значи дека членките ќе мора да го усвојат еврото. Не сме одредиле ниту пак некои временски одредници, но секако ги охрабруваме членките да се подготват на неопходни мерки“, рекол тој.
Еврото го користат моментално 19 членки на блокот. Девет преостанати земји, вклучувајќи ја и Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Унгарија, Полска, Романија, Шведска и Британија не го користат еврото како национална валута.
Европската унија наводно би требало да одржи состанок за иднината на еврото. Како пренесуваат медиумите, во белешките јасно пишува дека се сака контрола над користењето на таа валута.