Младите во Македонија многу тешко наоѓаат работа, а уште потешко се наоѓа работа по струка.
Според статистички податоци, на крајот на 2016 година скоро 50% од младите до 29 години во Македонија биле невработени. Светска банка алармираше за младинска невработеност од 53% во земјава.
Една од многуте млади невработени луѓе е и Ивана Јордановска од Куманово. Таа има завршено меѓународни односи во Франција, со посебен фокус на трансатлантски односи. Иако се образувала во странство, сепак патот до работното место е тежок.
Наоѓање работа во Македонија е сè само не лесен или фер процес. Моите колеги и колешки во Западна Европа и Северна Америка се вработуваат во приватниот сектор, јавната администрација, меѓународните организации или невладините. Кај нас, приватниот сектор е многу неразвиен за да вработува луѓе од мојот профил, а работните места по меѓународните или невладините организации се едноставно премалку за значајно да го намалат бројот на невработени млади од било кој профил. Јавната администрација е целосно партизирана, тука нема што повеќе да се додаде или бара. Имав интересен пример во 2013-та година кога аплицирав за позиција „советник за трансатлантски односи“ во едно од министерствата. Сакав да видам кој е процесот на полагање на испитот во агенцијата за администрација, иако искрено, не се надевав дека имам реални шанси. Ниту ме повикаа да го полагам испитот, иако според Законот, секој кој што се пријави на позиција со исполнети услови, го полага и испитот за администрација. Ете, до толку се партизирани. Генерално гледано, понудата на работни места е премала за сите возрасни групи на граѓани, но и посебно е проблематична за младите оти бројот на позиции за кои може да аплицираат е поограничен, а конкуренцијата огромна – вели Јордановска.
Од дипломирање до вработување за повеќето млади луѓе поминуваат години и години.
Дел од нив иако секој ден ги следат веб страниците со огласи за вработување, објаснуваат дека аплицираат, но повратен одговор често пати не добиваат. Според нив, во некои од огласите се поставуваат критериуми каде се бара млад кандидат, а во исто време тој треба да има неколку години работно искуство. Ако подолго време се неактивни, не работат, нив им е потешко на пазарот на труд да го најдат своето место.
Давид Алексовски, магистер по економски науки вели дека еден од најголемите општествено -економски проблем во европските земји (особено изразен во јужноевропските) е високата стапка на невработеност на младите. Според него, мерките за намалување на невработеноста на младите се основен столб во економската политика на сите европски земји, вклучувајќи ја и Република Македонија, каде што во неколку фази се спроведува кампањата „Македонија вработува” во која примарен таргет се младите невработени.
Врз основа на моите лични искуства во процесот на транзиција од високо образование на пазарот на труд и моите теоретски познавања од макроекономијата и микроекономијата, би сакал да ги споделам моите размислување за споменатиот проблем во случајот на Република Македонија, за причините и алтернативите за структурно решање на истиот. Најпрвин би сакал да направам дистинкција помеѓу вработувања во јавниот сектор- државата како најголем работодавач на пазарот на труд во РМ и вработувањата во приватниот сектор, со тоа што економски позначајна е анализата на вториот дел. Накратко во однос на вработувањата во јавниот сектор кои што беа прилично динамични во последните 7-8 години, државата нема годишни и повеќегодишни стратегии за тоа каков профил на вработени и во кој квантитет се реално потребни во нејзината администрација и нема комуникација со факултетите како основни генератори на кадри. Не постојат јасни правила, објективност и систематичност при донесување на одлуки за избор на работник, односно наместо системски одлуки со мало влијание на човечки фактор при изборот, истите се донесуваат под клучно влијание на човечкиот фактор, што остава простор за остварување на тесните интереси на политичките партии и пристрасна и лоша селекција во јавната администрација, од најниско до највисоко ниво што е лесно забележливо – вели Алексовски.
Тој додава дека во однос на вработувањата во приватниот сектор проблемот е многу посложен и не постојат краткорочни решенија. Основен проблем кој во себе содржи многу подпроблеми е образовниот систем- несоодветните и непрактични образовни програми, почнувајќи од основно па се до највисоките степени на образование. Алексовски објаснува дека учениците се здобиваат со општи знаења, без подлабоко навлегување, изучување и специјализирање во одредена област, што би им овозможило лесен пристап на пазарот на труд, солиден приход и лично задоволство и самодоверба низ животот.
Дополнителен проблем кој веќе беше споменат е непостоењето на државна образовна стратегија која ќе проектира во која научно општествена сфера се потребни кадри и во колкав број, при што истото би се применило со приемни квоти на факултетите соодветно на секој департман и студиска програма. Со тоа структурниот вишок на невработени од одредени области ќе се намали. Сигналите кои државата ги добива од приватниот сектор на пазарот на труд мора да ги применува во образованието кое е нејзина основна надлежност. Понатаму не постојат тестирања во претшколска возраст како и во текот на основното и средно образование со цел да се откријат афинитетите и талентите на одредена индивидуа. Аналогно, стручни лица врз основа на тестовите би можеле да дадат сугестии и предлози за понатамошното образование и професија на поединецот. Од тука произлегува и комплетното занемарување на средното стручно образование и неверојатните 99 % матуранти запишани во високо образование без квоти, контрола и стандарди за квалитет – вели Алексовски.
Резимирано, според него, клучниот проблем е постоечкиот образовен систем чиј квалитет според меѓународните тестови и стандарди се повеќе паѓа.
Извор - Фактор