Минималната синдикална кошничка за јануари чинела 35.811 денари. Синдикалната кошничка ги утврдува минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство на месечно ниво.
Таа е зголемена за 770 денари во споредба со декември 2021 година, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Од оваа сума пари 15.317,93 денари или 42,77 отсто се трошат за исхраната и пијалаците, со 11.447,24 денари, односно 31,97 отсто учествува домувањето.
Понатаму, за хигиената се трошат 6,74 отсто или 2.415,09 денари, за превозот одат 2.652,27 денари, односно 7,41 отсто, за облека и обувки со 2.165,27 денари или 6,05 отсто, за култура 1.067,86 или 2,98 отсто и одржување на здравје со 745,34 денари, односно 2,08 отсто.
Најголем пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај централното греење за домаќинствата за 14 отсто, електричната енергија за домаќинствата за 9,4 отсто. Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот во јануари 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај кафето, чајот, какаото за 4.3 отсто, рибата за 3,5, свежото и разладеното овошје за 3,4, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2,5 отсто, велат од ССМ.
Минималната плата се зголеми на 18.000 денари. Од март месец, работниците не смеат да земаат помалку од 18.000 денари. Во земјава растат трошоците за живот.