Русија би можела да се договори со „пријателските земји“ да ја платат својата енергија во локална валута, рече претставникот на рускиот парламент Павел Завални, сигнализирајќи дека криптовалутите исто така може да се сметаат како инструмент за плаќање.
По рускиот напад на Украина, САД, ЕУ и Обединетото Кралство воведоа санкции кон Русија, што предизвика остар пад на рубљата и ги зголеми трошоците за живот. Но, Русија останува најголемиот светски извозник на природен гас и втор најголем снабдувач на нафта, забележува Би-би-си.
Во средата рускиот претседател Владимир Путин рече дека во иднина ќе им го наплаќа гасот на „непријателските земји“ во рубли, што беше протолкувано како обид за стабилизирање на курсот на руската валута.
Русија ќе продолжи да испорачува природен гас во договорениот обем и по договорени цени, но ќе ја промени валутата на плаќање во рубљи, рече Путин.
Русија состави список на „непријателски земји“, што се совпаѓа со земјите кои и воведоа санкции поради инвазијата на Украина. На листата, меѓу другите, се и САД, членките на ЕУ, Велика Британија, Јапонија, Канада, Норвешка, Сингапур, Јужна Кореја, Швајцарија и Украина.
Претседателот на енергетската комисија на рускиот парламент вчера за Би-би-си изјави дека истражуваат алтернативни опции за плаќање на енергија. Кина и Турција припаѓаат на групата „пријателски земји кои не се вклучени во создавање притисок врз санкциите“, објаснува Завални.
Долго време и предлагаме на Кина да се префрли на плаќања во домашни валути, рубли и јуани. Во трговијата со Турција, валутата на плаќање ќе биде лирата и рубљата. И можете да тргувате и со плаќање со биткоини, додава тој.