Комисијата за заразни болести предлага олабавување на две антиковид мерки. Претседателот на советодавното тело, д-р Александар Петличковски изјави дека по процена на епидемиолошката состојба, условите им овозможуваат за намалување на дел од рестриктивните мерки кои се во насока на спречување на ширењетоп на корона вирусот.
Првата препорака се однесува на укинување на задолжителното носење маски во затворен простор. Тие повеќе нема да мора да се носат, освен на четири места, а тоа се здравствените установи, домовите за стари лица, аптеките и јавниот превоз. Значи таму и понатаму важи мерката задолжително носење маска. На сите останати места може да се носат само по желба, ако некој сака, изјави д-р Петличковски.
ОД КЗБ информираа дека втората препорака се однесува на следењето на контактите на заразените со ковид-19.
Препорачуваме укинување на епидемиолошкото следење на контактите, а со тоа и укинување на мерката за изолациоја на контактите, изјави д-р Петличковски.
Досега во земјата се направени вкупно 1.974.520 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 307.142, бројот на оздравени пациенти е 296.373, на починати е 9.234, а бројот на активни случаи изнесува 1.535.