Ако EQS е големиот и луксузен седан на Mercedes-Benz, тогаш новиот EQS SUV е голем и луксузен – погодувате – SUV на Mercedes-Benz!
Новиот луксузен електричен SUV на Mercedes-Benz ќе може да помине и до 660 километри според WLTP мерењата. Секако, тоа се должи на најновата итерација на супер-напредниот електричен погон на Mercedes-Benz кој кај EQS SUV ќе биде понуден во три конфигурации. „Основната“ верзија е EQS SUV 450+ која е со погон на задните тркала и која располага со 360 коњски сили и 568 Nm вртежен момент – и токму оваа верзија може да помине до 660 километри.
Над оваа верзија е EQS SUV 450 4Matic, со слични карактеристики, но погон на сите четири тркала, 800 Nm вртежен момент и максимални 613 километри. На самиот врв (сега за сега, пред да бидат претставени неизбежните AMG изведби) е EQS 580 4Matic со 545 коњски сили и 858 Nm вртежен момент. Сите верзии ја користат истата голема батерија со капацитет од 107.8 kWh. EQS SUV овозможува полнење со максимална моќност од 200 kWh, па со доволно моќен полнач батеријата се полни од 10 до 80% за само 31 минута.
Кабината на EQS SUV е супер-напредна, па во „основна“ варијанта ќе добиете 12.8-инчен мултимедијален уред и 12.3-инчен екран наменет за возачот, а ќе добиете и панорамски сончев кров, седишта со ладење и греење… Ако сакате повеќе, тука е MBUX Hyperscreen кој комбинира три екрани под еден огромен 56-инчен панел поставен пред возачот и совозачот. Доколку сакате, можете да нарачате и мултимедијални уреди за задните седишта – 11.6 инчни екрани на секое седиште, а ако сакате ќе добиете и централно-поставен таблет кој можете да го извадите и да го земете со вас.
Секако, големиот SUV стандардно доаѓа со Airmatic воздушна суспензија и адаптивни амортизери, како и сите можни системи за асистенција во возењето кои Mercedes-Benz ги има во своето портфолио. Дополнително, EQS SUV може да „запомни“ до 7 различни профили на корисници кои ќе ги идентификува преку отпечаток од прст и ќе ги помни нивните желби и навики на возење. Со текот на времето, EQS SUV ќе ги „научи“ вашите желби и навики и ќе ве потсетува без да го побарате тоа.
Инаку – дизајнот е зрел и малку воздржан – како што и му прилега на еден Mercedes-Benz. Дизајнот ни е воглавно веќе познат од EQS седанот, но тука е интерпретиран во поголема, SUV форма со препознатливи SUV детали. На предниот дел вниманието оди кон широкиот преден елемент и светлосниот потпис, додека профилот е конвенционален и горд. На задниот дел доминира светлосниот елемент кој стана препознатлив детал на EQ-моделите на Mercedes-Benz. Инаку, дизајнот на EQS SUV е дело на македонскиот дизајнер Славче Таневски.
EQS SUV изгледа како да е подготвен да доминира во сегментот на луксузни SUV модели, нели?