Во последните две недели, веб сервисот Ценометар.мк забележа незапамтени до сега поскапувања кај многу производи во маркетите. Со оглед дека ова поскапување е систематско, сметаме дека не станува збор за инфлација, туку за координирана акција на поскапување на многу производи, под изговор на инфлацијата или нарушените синџири на снабдување.
Што е индикативно, многу маркети, за многу производи имаат исти покачени цени, дури без ниту еден денар разлика, што упатува кон монополско здружување. Нормално, ваквите непазарни активности ниту се познати за надлежните власти, ниту знаат каква акција да превземат. Затоа, веб сервисот Ценометар.мк во име на народот, ја превзема оваа должност да информира за овие непазарни, монополистички акции кои граничат со военото профитерство. За подобра илустрација, во прилог е просечниот раст на цените во најголемите трговски ланци во Македонија:
- Кашкавали ајдамер и гауда – поскапување од 43 денари, монополистичка цена од 399 денари, скоро во сите маркети
- Јајца – шаблон 30 – празнично поскапување од 48 денари во просек !
- Мелено месо – пораст за 10 денари
- Свинска кременадла – пораст за 15 денари
- Говедско свежо месо – неверојатен пораст од во просек 84 денари!
- Чајна – пораст во просек од 15 денари
- Пиво – повторно поскапува во просек за 10 денари по литар!
- Тоалетна хартија – 10 парчиња, трослојна – пораст во просек за неверојатни 42 денари!
- Шеќер – незапаметен пораст од 16 денари во просек !
- Јогурт – поскапување од 10 денари во просек !
- Путер – поскапување од 10 денари во просек !
- Домати – празнично – поскапување од над 50 денари !
- Масло за јадење – просечно поскапување од над 40 денари !
Кај маслото за јадење, најсимптоматично е што – во маркетите каде истото се движи околу 2 ЕУР ( КАМ ) го нема на полиците, додека во маркетите каде истото е околу 2,5 ЕУР ( Кипер, Рамстор, Стокомак ) , истото е достапно да се купи.
Ваквото синхронизирано поскапување, на артикли кои не се поврзани со синџири на снабдување, ниту со инфлаторни притисоци, единствено може да се толкува како синхронизирано, преќутно, монополизирање на цените, на грбот на граѓаните. Нашите финансиски власти, ниту го разбираат концептот преку кој народот се пљачка, ниту знаат како да го спречат истото.