Точна е информацијата дека на 10 јуни ќе им биде ускратено гостопримството во градинките на сите дечиња чии родители не се жители на општина Карпош. Одлуката е донесена на осмата седница на Советот на Општина Карпош одржана на 20 април 2022 година, а јас ова го најавив уште во декември минатата година, но веројатно некој не сакал сериозно да ја прими информацијата, објаснува градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски за „Слободен печат“.
Тој додава дека сега уште еднаш, еден месец однапред, им се соопштува на родителите кои не се жители на општината, дека од 10 јуни нема да можат повеќе да ги посетуваат градинките во општина Карпош. Во моментов 306 дечиња од општината чекаат место во градинките во Карпош, а во нив се сместени 200 деца од други општини.
Според Јакимовски, родителите кои живеат во општина Карпош и не можат да ги згрижат децата во градинка, тука плаќаат данок и ги гласале за да им ги решаваат проблемите.
Во градинките на територијата на Карпош има 11 слободни училници со капацитет за околу 150-160 деца, но нема доволно персонал за нивно згрижување.
Немаме согласност од надлежните министерства да примиме персонал. Истовремено, повеќе од 25 негувателки, воспитувачки и технички персонал се заминати од различни причини и за нив нема одобрение да се пополнат испразнетите места. Од тие причини градинките се во многу тешка ситуација. Вработените со крајни напори успеваат само да ги згрижат децата, но за жал отсуствува воспитната и образовната компонента. Сето ова оди на штета на децата од општина Карпош, а јас како одговорен субјект кој е избран од овие граѓани морам да најдам решение, вели Јакимовски.
Деновиве, група родители кои не се жители на општина Карпош, а чии деца одат во градинки во оваа општина, информираа дека добиле известување дека нивните деца ќе бидат отпишани на 10 јуни.