Новите мерки за справување со кризата почнуваат веднаш штом ќе биде изгласан ребалансот на Буџетот во Собранието. Мерките се насочени за најкритичните граѓани и компании, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој во гостувањето во „Утрински брифинг“ истакна дека сите мерки што се преземаат треба да бидат адекватни и возможни во одреден период, секоја мерка може да има последователни негативни ефекти на друга страна.
Мерките се наочени кон најранливите категории, притискот е голем, преземаме мерки исто како во пандемијата, првите беа за сите, а потоа за најкритичните граѓани и комапнии. Исто така, и три програми за земјоделието преку интервентниот фонд не можат да поминат додека не се изгласа ребаланост. Ние имавме намалување на даночни стапки и за производи и за горива и за енергенси, за енергенсите останаа. За опозицијата ребалансот е задоцнет, но затоа има поднесено 800 амандмани, рече Битиќи.
Во врска со наглото зголемување на цените по завршувањето на мерките за основните прехранбени производи, Битиќи напомена дека тоа се должело на зголемување на маржите и било неоправдано, вештачко зголемување на цените, но по неговото укажување, цените се вратиле или стагнираат.
Во време на криза не можеш да се однесуваш како воен профитер, а знаеме како завршуваат воени профитери. Јас апелирам на моралните вредности на стопанствениците кои треба да ја имаат предвид општата ситуација, и во пазарна економија мора да има морални и етички норми, истакна Битиќи.
Тој нагласи дека задолжувањето вчера падна за 2,2 проценти, и како што рече, граѓаните дека не треба да се грижат за задолжувањето, додека оди за продуктивни цели и за справување со кризата.
Се задолживме за време на пандемијата, но имавме пад на економијата помал за 4,2 проценти. Заради тоа спасивме 60.000 работни места. Не е продуктивно само на направиш зграда или пат, продуктивно е да спасиш едно семејство од губење работа. Задолжувањето за да спасиме граѓани од кризата, да обезбедиме енергенси, електрична и топлинска енергија, да креираме работи места, да продолжиме да инвестираме во инфараструктруа е продуктивно, порача Битиќи.