Денот на независноста, кој се слави на 4 јули во САД, го означува раѓањето на државата, односно денот кога САД ја обезбедија независноста од Британската империја.
На денешен ден, 4 јули 1776 година, на континентален конгрес во Филаделфија е усвоена Декларацијата за независност на Соединетите Американски Држави.
Творци на документот главно се Томас Џеферсон, Бенџамин Френклин, Џон Адамс, Роберт Ливингстон и Роџер Шерман. Оригиналниот документ кој бил проследен за печатење е загубен. Документот кој денес е изложен во Националните архиви на САД во Вашингтон е напишан на рака и потпишан од повеќето делегати помеѓу 19 јули и 2 август 1776.
Декларацијата за независност и денес се смета за светилник на американската нација за вредностите кон кои треба да тежнее.
Првата прослава на Денот на независноста се одржала на 4 јули 1777 година во државата Роуд Ајленд со испукување на 13 истрели во чест на 13 поранешни колонии. Оттогаш 4 јули станува голем национален празник, кој и ден-денес се одбележува со паради, забави, семејни веселби, пикници и огномет. Празникот е неработен ден за администрацијата, со тоа што до 1938 година не бил дел од платениот одмор.