Дури 25 отсто од семејните бизниси во Германија би можеле да одговорат на зголемените трошоци за енергија со отпуштање вработени, додека 90 отсто веројатно ќе реагираат со зголемување на цените, а некои веќе ги спроведуваат таквите одлуки.
Ова се резултатите од истражувањето на Фондацијата за семејни бизниси, кое во септември го спроведе Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, врз основа на истражување во кое учествувале 1.060 компании, од кои најголем дел се семејни.
Во претходната, априлска анкета на оваа фондација, само 14 отсто од компаниите изјавиле дека планираат отпуштања, јавува Anadolu Agency.
Дополнително, резултатите од новото истражување покажуваат дека 13 отсто од компаниите сега очекуваат и стопирање на производството, наспроти шест отсто кои имаа такви очекувања во април.
9,0 отсто од компаниите моментално се занимаваат со преселување на производството во странство, наспроти 6,0 отсто во претходната анкета.
Според оваа студија, компаниите се незадоволни од политиките за управување со кризи и бараат субвенционирање на приватни инвестиции во енергетска ефикасност или обновливи извори на енергија. Семејните бизниси се најраспространетиот вид на бизнис во Германија. Повеќе од 90 отсто од сите компании се во семејна сопственост, со учество од 58 отсто од вкупните работни места во Германија - што се смета за стабилизирачки фактор за пазарот на труд во време на економска криза.