Американскиот долар денеска е на надолна траекторија, бидејќи подобрувањето на пазарното расположение доведе до пораст на цените на акциите и поризични валути.
Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на доларот во однос на кошницата на големи ривали, падна за 0,4 отсто на 104.410 поени, неутрализирајќи дел од минатонеделните добивки по одлуките на Федералните резерви и Европската централна банка да ги зголемат клучните каматни стапки, пренесува Ројтерс.
Закрепнувањето на расположението за ризик на инвеститорите на пазарите ги поттикна европските акции по големата распродажба минатата недела, при што валутите, вклучително и еврото и фута, надоместија некои од загубите забележани во претходните две сесии.
Еврото поскапе за 0,4 отсто, на 1,06260 долари, додека британската фунта за 0,7 отсто, на 1,22195 долари. И покрај денешното закрепнување, вредноста на двете овие валути сè уште е под нивото на кое беа пред минатонеделните движења на централната банка.
Јапонскиот јен, исто така, порасна за 0,4 отсто на 136,155 јени за долар поради медиумските извештаи дека владата ќе размисли за ревидирање на клучната монетарна политика за борба против дефлацијата кога ќе биде назначен новиот гувернер на Банката на Јапонија во април.
Британската агенција потсетува дека владата во Токио и Банката на Јапонија во 2013 година потпишаа заедничка изјава со која ја обврзаа централната банка што поскоро да ја доведе инфлацијата на целното ниво од 2,0 отсто.