Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не стравува дека по предвидениот период за замрзнати цени на дел од прехранбените производи ќе се врати, како што вели, старата практика на вештачко зголемување на цените. Доколку се случи тоа, порачува дека граѓаните ќе бидат згрижени и Владата нема да ги остави да ја плаќаат највисоката цена.
Во пазарна економија мора да се однесуваме пазарно. Веќе доаѓаат првите позитивни сигнали од компаниите дека сме тука за да ја надминеме заеднички кризата и не стравувам дека по перидот на замрзнување на цените ќе се врати старата практика на вештачко зголемување на цените на начин како што беше направено одреден временски период, изјави Битиќи, на новинарско прашање по посета на фабрика во Куманово.
Според Битиќи, на компаниите веќе им е сосема јасно дека мора да се однесуваат морално и етички во услови на криза.
Тоа што цело време повикувавме дека мора да има општествена одговорност, мора да има морално и етичко однесување на компаниите на пазарот, сметам дека веќе им е сосема јасно. Но, ако се случи спротивното, како Влада нема да оставиме граѓаните да ја плаќаат највисоката цена. Тие ќе бидат згрижени, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој го повика Пазарниот инспекторат да ги провери информациите дали во Куманово и Кумановско се продава леб по замрзната цена од 33 денари но со помала грамажа од утврдената со одлуката на Владата.
Замрзнувањето на цената на лебот од 450 грама по 33 дена не е направено за да нанесе штета на производителите, туку да ги заштити потрошувачите, а секако во таа цена има одредена добивка. Ако има такви информации го повикувам Пазарниот инспекторат во Куманово и Кумановско да проверат дали навистина се продава леб по помала грамажа, а по цена од 33 денари, изјави Битиќи.
Секое замрзнување на цена, дали е на лебот, јајцата, тестенините… повтори вицепремиерот, не е на штета на компаниите.
Компаниите се згрижени, можеби нема да продаваат со такви маржи какви што би сакале, но секако имаат предвидена маржа во цената. Донесени се и ќе бидат донесени во интерес и за заштита на граѓаните, рече Битиќи.
Со одлуки на Владата, од 28 февруари е замрзната цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, од 16 март и цените на дел од млечните производи и тестенините каде намалувањето на цените изнесуваше 10 односно 15 отсто, а од вчера е замраната и цената на јајцата и на оризот на износот по кој се продаваа овие производи на 15 март. Замрзнатата цена за лебот, тестенините и на млечните производи важи до крајот на мај, а на јајцата и оризот до крајот на април.
Министерството за земјоделство веќе подготви анализа и за цените на овошјето и зеленчукот, а одлуката ќе ја носи Министерството за економија согласно со Законот за трговија.
Следните одлуки за нови прехранбени производи кај кои би се интервенирало со замрзнати цени, како што изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, зависи од анализата во Министерството за економија.
Доколку има производ што ги исполнува условите тогаш нормално Владата ќе донесе одлука, доколку нема, Владата нема да донесе одлука, рече Ковачески.
Стопанските комори завчера и порачаа на Владата да престане со замрзнување на цените и да најде други механизми за помош на граѓаните како што се намалување на даноците и на ДДВ-то и да се интервенира преку државните резерви. Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, посочи дека се отворени за сите конкретни но одржливи предлози.