Министерот за економија Крешник Бектеши тврди дека нема да дојде до нагло поскапување на производите кога ќе престанат да важат владините одлуки за замрзнување на цените.
Според него, производителите и трговците можат да направат калкулации согласно постечките цени на суровините и другите параметри кои се влезни во утврдувањето на финалната цена на производите.
Нема таков ризик оваа година. Ги повикав сите производители и увозници, тие знаат кога поскапуваат суровините и кога е жетвата, да се подготват зашто мерките може да продолжат и по 31 мај. Значи, нема никаков ризик од зголемување на цените, производителите и трговците може да направат калкулации согласно постечките цени на суровините и другите параметри како влезни во утврдувањето на финалната цена. Сите моментно се со маржа на профит и со цените утврдени од Владата, истакна министерот, одговорајќи на новинарски прашања откако во изјава пред Владата соопшти дека се замрзнуваат цените на хигиенските производи.
Во врска со ставот на бизнисот дека замрзнувањето на цените не е пазарна мерка и наместо тоа е подобро да се интервенира преку стоковните резерви, Бектеши рече дека замрзнувањето на цените дава резултат и тоа граѓаните може да го забележат во секојдневното пазарење.
Имам голема почит кон стопанските комори. Ако во државните резерви има хигиенски производи, овошје и зеленчук, тогаш ќе ги активираме ама мислам дека треба да бидат подобро информирани кога излегуваат со вакви изјави, дека во стоковните резерви нема резерви на вакви проиозводи. Пченица и брашно има, но тоа сега не е тема. Делот за замрзнување на цените на леб, ориз, печница,... даваат резултати и тоа граѓаните секој ден го чуствуваат кога пазарат, потенцира Бектеши.
Тој уште еднаш кажа дека се додека има потреба за замрзнување цени, Владата ќе носи такви одлуки.
Овие одлуки првично важат до 31 мај, но може да се продолжат. Сепак, најдобро ќе биде да се усвои Предлогот во делот на Законот за ДДВ од страна на Собранието зашто тогаш ќе имаме системско и долгорочно решение за основните прехранбени и за хигиенските производи, рече министерот.