Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, денеска остварија трилатерална средба во Бардолино, Италија, како дел од програмата на работната посета на меѓународниот саем за вино „Винитали“, каде лидерите ќе учествуваат на презентациите на вината од трите земји на заедничкиот штанд на Отворен Балкан.
Како што информираа од Владата, на средбата се разговарало за имплементација на активностите во рамките на регионалната иницијатива Отворен Балкан, како и заедничкото учество на меѓународниот саем за вино „Винитали“, кој годинава се одржува по 55-ти пат.
Беше истакнато дека со заедничкото претставување на саемот „Винитали, еден од винските саеми со највисок квалитет на глобално ниво, го носиме и промовираме винскиот и туристичкиот квалитет на трите земји поблиску до светската публика и потенцијалните инвеститори.
Констатирано е дека на заедничкиот Отворен Балкан штанд, македонските, српските и албанските винарии и вина стојат рамо до рамо со светските врвни производители. На заедничкиот настап на трите земји на саемот за вино „Винитали“ се гледа како огромна можност за промоција, вмрежување, привлекување на странски инвеститори и отварање нови пазари“, соопштија од Владата.
На средбата било потенцирано дека од летово можноста за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните од трите земји станува реалност.
Правото на пристап до пазарите на труд во трите држави ќе се стекнува многу побрзо и поедноставно, со електронско издавање на Отворен Балкан идентификациски број и издаден единствен матичен број за странец од Министерство за внатрешни работи, по извршените соодветни проверки, посочија од Илинденска.
После средбата, Вучиќ рече дека разговарале за тоа како да им се помогне на обичните луѓе и како да се отстранат сите пречки за да се овозможи слободна трговија и слободен проток на стоки. Тој истакна дека е постигнат договор за завршување на процесот на осигурување на работните дозволи, што ќе биде основа на економската соработка на трите држави.
Имавме плодни дискусии за прашања поврзани со прашањето за Отворениот Балкан. Разговаравме како можеме да ги отстраниме сите пречки, да овозможиме слободна трговија и проток на стоки, услуги и капитал. Разговаравме и за многу други прашања поврзани со безбедноста на храната и како да се обезбеди пристап до други земји.
Разговаравме и за електронските картички за сите луѓе за да можат да се усогласат. Таа ситница означува многу голем напредок. Разговаравме и за приемот на нови идентификациони картици и сите тројца се согласивме дека ќе можеме да направиме одреден напредок по тоа прашање во наредните месеци. Се договоривме за завршување на процесот за обезбедување работни дозволи и тоа ќе биде, се осмелувам да кажам, основата на економската соработка меѓу нас – рече Вучиќ.