Посилната имиграција е решение за недостигот на квалификувана работна сила во Германија, изјави Моника Шницер, претседателка на Советот на економски експерти на германската влада.
На Германија ѝ требаат 1,5 милиони имигранти годишно за, доколку се одбие огромната емиграција, секоја година да имаме 400.000 нови граѓани и на тој начин да го зачуваме бројот на работници, соопшти експерт од советодавното тело, кое колоквијално е познато како Економски совет.
Итно ни е потребна култура на добредојде. Ако Интел гради фабрика во Магдебург и има потреба од странски квалификувани работници, тие исто така мора да чувствуваат дека се добредојдени таму, рече Шницерова.
Таа оцени дека во таа насока оди и новиот германски закон за професионален труд. Сепак, според неа, потребно е повеќе, на пример услуги за имигрантите кои нема да им предизвикуваат страв, туку ќе даваат услуги, пренесува dpa.
Не треба да инсистираме странците да зборуваат германски за секоја работа, но треба да се погрижиме вработените во службите за странци да зборуваат англиски, објасни Шницерова.
Пред десет дена, тричлената германска владина коалиција го протурка новиот закон за имиграција на квалификувани работници со мнозинство во Бундестагот. Новина во него е, меѓу другото, таканаречениот систем на шанси, кој се заснова на бодови кои се стекнуваат по различни критериуми.
Тие вклучуваат јазични вештини, работно искуство, возраст и врски со Германија. Во иднина, специјалисти за ИТ технологија ќе можат да доаѓаат во Германија дури и без високо образование, доколку докажат дека ги имаат потребните квалификации.
Советот на економски експерти на германската влада брои пет члена и како владино тело се занимава со анализа на севкупниот економски развој на земјата.