Со ставање во функција на новата гигафабрика лоцирана во Невада, компанијата „Тесла“ на Илон Маск позната како автомобилска компанија сега прераснува во амбициозен алтернативен снабдувач на енергија. Првите батерии веќе се произведени.
Оваа недела компанијата Тесла и нејзиниот партнер- Панасоник го означија стартот на масовното производство на литиум-јонски батериски ќелии. Фабриката во Невада е гига-фабрика затоа што се протега на околу половина милион квадратни метри, каде моментално работат 2.900 вработени, а дополнителни 4.000 работат на доизградба на фабриката.
Сега е завршена само една третина од фабриката, а конечното завршување се очекува до крајот на годината. До 2020 година во фабриката е предвидено да работат вкупно 6.500 работници, а полниот капацитет на фабриката ќе значи и удвојување на светското производство на литиум-јонски батерии. Дополнително, гигафабриката индиректно ќе креира 20.000-30.000 работни места во регионот.
Ова е важен чекор од неколку причини:
Прво, потребни се многу батерии за Тесла електричните возила вклучувајќии го моделот Model 3 кој треба да се позиционира на средно-ценовниот пазар. Овој модел ќе почне сериски да се произведува во текот на оваа година. Во 2018 година Тесла планира да произведува 500.000 возила, сите опремени со новата батерија.
Второ, во фабриката во Невада се произведуваат Powerwall батерии за домаќинства и компании за складирање на енергија произведена од соларни покриви. Во ноември Тесла се спои со компанијата SolarCity за производство на соларни покриви.