За почеток, претставете ни се. Кој стои зад Marmió и како започна вашата приказна?
Зад брендот Marmió стојам јас, Магдалена Крстеска. Моментално сум прикрај со студиите на ФИНКИ, а по природа сум исклучително љубопитна, креативна и амбициозна личност која секогаш сака да учи нови работи и да ги тестира сопствените граници. Иако мојата струка е насочена кон технологијата и аналитичкото размислување, желбата да започнам и да создадам нешто свое, уникатно, тлееше во мене уште многу одамна.
Всушност, со мојата другарка подолго време зборувавме и ја разработувавме идејата, но сè започна и официјално на едно вечерно кафе. Тогаш, понесени од адреналинот и креативната енергија, решивме дека е време за акција уште истата вечер го смисливме името, ги дефиниравме првите детали и отворивме страница на социјалните мрежи. На почетокот ја градевме оваа приказна заедно како тим, но со тек на време, од оправдани причини, патиштата во бизнисот ни се раздвоија. Тогаш решив да продолжам сама, преземајќи го целиот бренд во свои раце со уште поголем мотив, визија и посветеност.

Дали отсекогаш сте биле креативна личност или оваа љубов се разви со текот на времето?
Можам слободно да кажам дека отсекогаш сум била креативна личност. Дури и пред да се роди Marmió, секогаш наоѓав начин да ја изразам таа моја креативна страна, без разлика дали преку хобија или преку деталите во секојдневието.

Како се роди идејата за изработка на чанти од монистра и што ве привлече токму кон овој вид рачна изработка?
Идејата за ташните не дојде случајно таа всушност влече корени уште од моето детство, инспирирана од мајка ми и баба ми. Како мала си играв исклучиво со ташнички, а таа љубов е толку силна што и ден-денес никогаш не останувам рамнодушна кога ќе видам убава ташна.
Се сеќавам на три ланчиња од монистра кои мајка ми ги имаше во тоа време. Постојано ги расплетував и од тие ситни зрнца се обидував со свои раце да направам нешто ново. Монистрата уште тогаш ме фасцинираа со својот специфичен сјај. Со текот на годините, таа длабока љубов кон ташните, заедно со мојот перфекционизам и педантност во работата, природно созреаа и прераснаа во овој сон кој го живеам денес да создавам уникатни ташни од монистра.
Кој беше првиот модел што го изработивте и дали сè уште го чувате?
Првиот модел што го изработивме беше моделот INICIO, симболично именуван по самиот почеток на оваа приказна, создаден од кристални монистра во впечатлива тиркизна боја. За жал, не го чувам кај себе.

Колку време е потребно за изработка на една чанта?
Времето за изработка зависи од самиот модел, односно од неговата големина, специфичната форма и дизајн кој треба да се постигне, како и од видот на самите монистра со кои се работи. Минималното време потребно за изработка е околу 15 часа интензивна и прецизна работа.
Што е најголемиот предизвик при рачната изработка на вакви модни додатоци?
Најголемиот предизвик при рачната изработка лежи во две нешта пронаоѓање на квалитетен материјал (монистра) и самата техника на изработка која е клучна за да се постигне трајноста и убавиот изглед на крајниот производ.

Каде го гледате Marmió во следните неколку години?
Во следните неколку години Marmió го гледам како препознатлив бренд што ќе биде симбол за креативност и уникатност. Исто така, моја голема желба е да отворам сопствено ателје простор каде што ќе се создаваат уште многу нови колекции, ќе се реализираат персонализирани идеи, а клиентите ќе можат одблиску да ги видат, почувствуваат и доживеат моделите, како и самиот процес на нивната изработка.
Воедно, во моментов работам на нови модели кои, покрај монистра, ќе вклучуваат и други материјали и техники на изработка. На тој начин сакам да внесам свежина и да понудам уште поголем избор на уникатни и современи дизајни.

Ако треба да го опишете Marmió со три збора, кои би биле тие?
Автентичност, креативност и безвременост.

Што би им порачале на младите луѓе кои сакаат своето хоби да го претворат во успешен бизнис?
Би им порачала да веруваат во себе, во своите соништа и да не се плашат да го направат првиот чекор. Секој успешен бизнис започнува со страст, но за да расте потребно е многу труд, посветеност и трпение. Ќе има предизвици и моменти на сомнеж, но важно е да останат доследни на својата визија и постојано да учат и напредуваат.
Тагови: бизнис идеи креативност ташна уметност Магдалена Крстеска