Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека од април ќе биде исплаќана законски предвидената минимална плата, односно околу 2.200 денари повеќе од сегашната најниска плата.
Тој додаде дека доколку во наредните месеци се постигне спогодба меѓу работниците и работодавачите за поголем износ, ќе бидат извршени законски измени и дополнително усогласување.
Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400, така е според Законот, кажа Мицкоски.
Премиерот напомена дека во моментот нема репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, и дека е формирана комисија која ќе ја утврди репрезентативноста.
Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање, потенцираше Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.
Претходно беше побарана минимална плата од 500 евра.

Тагови: минимална плата Христијан Мицкоски