Од 1 јули Европската Унија воведува нови царински правила што значително ќе го поскапат купувањето преку интернет од земји надвор од ЕУ. Се укинува досегашното ослободување од царина за пратки до 150 евра, па речиси сите комерцијални стоки што влегуваат во Унијата ќе подлежат на царинска постапка. Ова најмногу ќе ги погоди купувачите кои нарачуваат преку платформи како „Тему“, „Алиекспрес“ и „Шеин“.
Како привремена мерка, Европската комисија воведува фиксна царинска давачка од три евра, но таа ќе се пресметува по тарифна категорија во рамките на една пратка. Тоа значи дека ако пакетот содржи повеќе исти производи, како пет маички, ќе се плаќа една такса. Но, ако во истиот пакет има различни производи, како маички и часовник, ќе се наплатат две такси. Дополнително, оваа давачка ќе влегува и во основицата за пресметка на ДДВ, што дополнително ќе ја зголеми крајната цена за потрошувачите.
Според Брисел, реформата треба да обезбеди пофер конкуренција за европските компании, подобра заштита од небезбедни производи и поефикасна борба против царинските измами. За пријавување и плаќање на давачките ќе бидат задолжени продавачот или увозникот. За граѓаните, пак, ова е јасен сигнал дека ерата на исклучително евтините онлајн нарачки од трети земји постепено завршува.
Тагови: AliExpress ДДВ ЕУ Тему царина