Просечната нето-плата во Македонија продолжува да расте, но податоците за распределбата на примањата покажуваат дека најголемиот дел од работниците и натаму заработуваат значително помалку од официјалниот просек. Според анализите, бројот на вработени кои примаат плата точно во висина на просечната е речиси симболичен и се движи од нула до само 11 лица месечно, што, според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), јасно покажува дека просечната плата не ја отсликува реалната состојба на пазарот на труд.
ССМ наведува дека околу 72 до 74 проценти од вработените примаат плата до нивото на просечната, додека само 26 до 28 проценти имаат примања над неа. Дополнително, меѓу 50 и 58 проценти од работниците земаат минимална плата или износ блиску до минималната, односно до 36.900 денари. Највисоките плати и натаму се концентрирани во информатичката технологија, финансиските институции, телекомуникациите, енергетиката, дел од јавните претпријатија и менаџерските позиции, а токму тие сектори силно влијаат врз растот на националниот просек.
Иако во последните две години просечната нето-плата е зголемена за околу 8.000 денари, според пресметките на ССМ таа сè уште покрива само околу 60 проценти од синдикалната минимална потрошувачка кошница. Во меѓувреме, се отвори и прашањето за законското усогласување на платите по растот на минималната плата, откако вработени во Градскиот трговски центар АД Скопје протестираа барајќи зголемување од најмалку 1.600 денари. Економистите и синдикатите порачуваат дека, покрај растот на просечната плата, клучно е да се следи и како приходите се распределуваат, бидејќи токму тоа ја дава вистинската слика за животниот стандард.
Тагови: Македонија просечна плата Сојуз на синдикатите (ССМ)