Лицата кои според Рамковниот договор беа вработени пред неколку години, но не беа распоредени на работни места туку седеа дома и земаа плата, сега ќе им биде понудено вработување во јавниот сектор.
1.600 јавни административци може да работат во градинки, училишта, јавни претпријатија, здравствени установи и слично.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека вакви вработени има низ целата држава, а досега можеле да работат само во јавната администрација. Сега, по неодамнешната амандманска измена на Законот за јавна администрација и со деновиве изменетите четири закони од работната сфера отворена е можност овие лица да работат во целиот јавен сектор. Тој појаснува дека е направена функционална анализа и се знае за каков кадар се работи, па секој според квалификациите ќе добие понуди за работа. Доколку некој не прифати, ќе се стави на таканаречена трансфер листа на која ќе чека нова понуда.
Тој прецизира дека со оглед на тоа дека во јавниот сектор и администрацијата има многу слободни раководни работни места, први ќе се распоредат оние кои ги исполнуваат условите за раководители, по што ќе оди распределбата на други позиции. Овој принцип на прераспределби ќе се применува и за останатите вработени во јавната администрација. Тој потенцира дека нема да има отпуштања од работа, но дека на некои вработени ќе им се понуди работно место и во приватниот сектор.
Генерално правиме операција на барање кадри внатре во администрацијата, за реорганизација, коишто ги исполнуваат условите за заземање на некоја од раководните позиции. Тоа ќе биде веднаш направен“, вели Манчевски.
Останатата прераспределба ќе стартува во следните недели, а не се знае колку точно ќе трае.
Според министерот со ова ќе се спојат потребните на администрацијата со она што е искуство и наобразба на вработените. Секој ќе добие соодветна понуда, која не мора да ја прифати, но Министерството нема да се меша во тоа какви понуди ќе добиваат тие што ќе одбијат и со тоа ќе се најдат на трансфер листатата.
Министерството нема да влијае на понатамошното распоредување, туку само иницијално ќе даде соодветна понуда врз база на искуство, квалификации, разговори со лицата. Да оставиме време и да видиме како ќе се одвива тој процес. Можеби никој нема да заврши на таа трансфер листа, а јас се надевам дека тоа ќе биде така. Мислам дека одиме во добра насока за конечно да го решиме овој проблем, изјави тој.