Се почесто во огласите може да се најде некој што нуди прошетка за вашиот миленик, професија која одамна ја има во Европа, а кај нас во последно време станува се почеста.
За 100 денари шетачите на миленици ќе ви го прошетаат и разонодат кучето низ природа, ако имате желба може да му фрлаат фризби или топче. За возврат вие дома ќе си одморате на раат и кучето потоа нема да ви прави проблем.
Шетањето на кучиња низ метрополата кај нас е понова професија, на Запад одамна ја има. Доколку граѓаните немаат доволно време за своите миленици да ги истрчаат во природа за да не им прават проблеми дома тогаш оваа услуга ќе ги чини од 70 до 100/150 денари за час. Овие понуди се почесто може да се најдат и на интернет-страниците со огласи, а ваквите понуди најлесно може да се најдат во главниот град.
Скопјани, на кои ова им е професија, велат дека интересот кај сопствениците на домашни миленици е се поголем, а цената е прифатлива, па затоа во текот на летово биле доста зафатени.
Доаѓам и го земам кучето од каде што сака сопственикот, во било кој дел од градот. Негов е изборот дали ќе го шетам пеш или со точак, во зависност од тоа каква активност мисли дека му е потребна на миленикот, дали сака помалку да се измори или повеќе. Има некои од шетачите кои мамат, па ќе речат дека го прошетале не знам колку километри, а тие само стигнале до првата клупа и таму седеле со кучето со часови. За да има доказ, јас го сликам кучето на самиот почеток на патеката, на пример на кеј од каде што треба да тргнеме и го сликам на крај од прошетката како доказ дека таа должина е помината. Ако сопственикот сака да го играм со фризби или со топче и тоа го правам. За чување повеќе денови се договараме за тарифата во зависност од тоа колку дена сака да го остави, вели скопјанец кој шета кучиња.
Како што раскажуваат жителите кои веќе подолго време ги користат овие услуги, можноста да го остават својот миленик на чување или шетање е одлична, затоа што дневните обврски понекогаш не им дозволуваат да одвојат време за животните.
Раскажуваат дека цените се прифатливи, од 100 па и помалку денари до 150 денари за час.
Откако работните обврски ми се продолжија до доцна попладне, навистина не ми остануваше време да излезам со кучето, да го прошетам неколку часа за да потроши енергија и дома да биде мирен. Кога ќе се вратев дома тој беше буквално "здивен“, а јас немаше шанси да излезам и со него да поминам повеќе километри иако знаев дека тоа му треба. До пред 2 месеци размислував дури и да го подарам на некој затоа што навистина не можев да постигнам. Сепак, откако една колешка ми кажа за нејзина пријателка која шета кучиња, почнав да ја најмувам и одлично ми се погоди, вели Крсте Е. од населбата Тафталиџе.
Овие услуги во европските земји и метрополи одамна се нудат. Таму има посебни тарифи за работа само со едно куче и за работа и шетање во група, а дел од нив ги нудат и продавниците за домашни миленици заедно со шишање и бањање во понудата.