Во Бугарија веќе трет ден главна тема во јавноста е аферата со државните службеници замешани во издавањето на бугарски пасоши за кои тарифата стигнувала и до 5.000 евра.
Само минатата година од македонски граѓани биле поденсени 10 илјади барања за потврди дека лицата се со бугарско потекло. Засега нема официјално барање од бугарска страна за водење истрага и во Македонија, ниту пак македонските органи најавуваат таква истрага.
Министерството за правда во Бугарија на повеќе од 750 лица им го откажа издавањето уверение за бугарско потекло. Оваа афера веќе се квалификува како најсериозен случај на корупција во поновата историја на Бугарија.
Македонија, македонксата влада и македонските истражни органи доколку се укаже потреба целосно стоиме на располагање да помогнеме, доколку одредени наоди индицираат дека постои нешто кое што треба да се истражи во Македонија, изјави вчера портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
Од досегашниот тек на истрагата во Бугарија откриени се 20.000 илјади преписки во Државната агенција за Бугари во странство кои служеле за посредување при добивање на документи, а со кои барателите од Македонија, Молдавија и Украина аплицирале за бугарски државјанства.
Во овој случај првообвинет е Петар Харалампиев, претседателот на Агенцијата за Бугари во странство, кој, според обвинителството, почна да бара мито веднаш штом ја презеде функцијата. „Харалампиев земал мито преку медијатори кои му ги носеле парите во неговата канцеларија. Станува збор за развиена шема за добивање на сертификати за потекло кои циркулирале преку најниските слоеви на агенцијата регрутирајќи се до горните слоеви на Агенцијата“, изјави заменик – главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев.
Во случајот засега се споменуваат и двајца посредници – српски и бугарски државјани.
Министерката за правда, Цецка Цачева најави дека до крајот на годината ќе има промени во Законот за издавање бугарски државјанства, а причината министерката ја образложи со цел да се избегнат идни малверзации - односно издавање бугарски пасоши за странци
Работната група има за задача да предложи промени на законот за бугарско државјанство во две насоки. Првата е при добивање бугарско државјанство по потекло каде што треба да се прецизираат ставките од членот 15 од законот, а втората се однесува на можноста да се добие бугарско државјанство преку натурализација, преку така наречените инввестиции, рече министерката за правда, Цацка Цачева.
Бугарската партија ВМРО никогаш не зела пари за издавање на документи за бугарско државјанство, рече Красимир Каракачанов министер за одбрана и лидер на партијата гостувајќи во емисија за бугарска телевизија. Харалампиев бил негов предлог за оваа функција.
Изјавата на Каракачанов доаѓа по низата обвинувања во бугарските медиуми дека неговата партија се финансирала од продажба на пасоши. Во емисијата, Каракачанов нагласи дека неговата партија само ја бранела каузата на етничките Бугари од Македонија, Молдавија и Украина да добијат државјанство со поедноставена постапка.