Промовирани огласи »

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ е за подобри услови за работа на бизнис заедницата, а посебно ИКТ секторот и повторно бара одлагање на даночните реформи. МАСИТ е против прогресивниот данок и предупредува дека најавената даночна реформа може да доведе до сериозни проблеми при функционирањето и унапредувањето на ИКТ секторот во Република Македонија.

Предложената даночна политика нема да оди во линија на подобрување на социјалната  еднаквост, туку ќе оди во насока на целосно намалување на продуктивноста, вработливоста, и развојот на квалификации, смета МАСИТ. Со оваа даночна реформа се врши пенализација на деловите од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а се наградуваат оние кои не се трудат и со тоа директно се создава намалување на продуктивноста.  Со предложените мерки се врши дестимулирање на развојот на висококвалификуваните кадри – зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации.

Наместо фискален ефект, ќе се добие ефектот на даночна непослушност и ќе биде главен двигател на сивата економија. МАСИТ смета дека ќе следи период на зголемување на даночното затајување – нискиот степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат, ќе донесе до зголемувањето на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија. Директно поврзано, по овој основ на дополнителните средства кои ќе се инјектираат во буџетот, јазот меѓу богатите и сиромашните нема да се нивелира, туку ќе се продлабочи.

МАСИТ смета дека првенствено и во насока на соодветна и ефективна даночна реализација, треба да се подобри начинот на собирањето на даноците, со цел целосно искоренување на сивата економија, или барем нејзино сведување на минимум. Со таа контрола на примањата по основ даноци, ќе се затвори прашањето за постоењето на сиромаштијата во голем степен. Конкретно, со истата мерка за собирање на данокот од сите даночни обврзници, од кои нема даночна реализација, ќе се постави нормален систем во државата и токму тогаш ќе се воведе рамноправен третман кон сите економски оператори.

МАСИТ постојано предупредува на појавата “одлив на мозоци” и “одлив на капитал и намалени инвестиции ”- брзото и ненајавено, однапред не анализирано даночно решение кое претставува сериозна измена во финансиската легислатива во државата и те како го комплицира работењето на компаниите во приватниот сектор поради неможноста да се планираат трошоците и ќе доведе до несигурност и кај домашните компании и кај странските инвеститори.

Воведувањето на прогресивен данок директно ги таргетира висококвалификуваните и професионални ИКТ кадри кои веќе се дефицитарни во Македонија. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима и подобра социоекономска ситуација. Ова пак претставува директен удар за иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и додадена вредност и се двигатели на економијата – иновативните и брзорастечки компании, особено во ИКТ секторот.

МАСИТ смета за да се донесе соодветно решение на вака комплицирана и деликатна тема, претходно требаше да се направат сите напори од страна на државата да се слушне ставот на бизнис заедницата и да се најде соодветно решение, да се земат позитивните примери од другите земји во развој со потпомагање на ИКТ секторот и воопшто бизнис индустријата.

МАСИТ веќе е дел од тимот на Стопански комори кои изработија анализа за ефектите од политиката на рамни даноци во Република Македонија, како и ефектите од политиката на даночната реформа. Согласно истото, МАСИТ смета дека во овој момент е најважно да се одложат најавените даночни реформи за воведување на прогресивно оданочување, за најмалку 5 години. Дополнително, МАСИТ, во соработка со АмЧам и Македонија2025 ги стави своите најрелевантни кадри за даночни реформи на располагање пред надлежните институции, со цел истите институциите да имаат директен инпут за потенцијалните негативни ефекти кои би настанале од воведување на ад хок прогресивно оданочување.

МАСИТ повикува на дијалог помеѓу бизнис заедницата и институциите, со цел избегнување на економските неповолни ефекти кои можат да се нанесат на бизнис заедницата, доколку настане превид на сите фактори кои можат да настанат како домино ефект од предложените измени. 

Промовирани огласи »

Интерактивно видео кое го објаснува функционирањето на прогресивниот данок. Ова е актуелна тема деновиве со која се предвидува дополнително оданочување на лицата кои имаат над 90.000 денари месечни приходи.

Промовирани огласи »

Ако Владата сака суштински промени тогаш треба да ги оданочува навистина богатите и да воведе поголем данок на имот или даноците за наследство. Ова го изјави екс министерот  за финансии, Трајко Славески во синоќешното гостување во емисијата „Отворено“ на ТВ24.

Како што рече тој со овој вид на данок владата всушност удира по  работните места. 

Славески меѓу другото истакна дека Владата не ги оданочува богатите бидејќи луѓето кои се опфатени во овие 1% со прогресивното оданочување се луѓе кои со труд достигнале да бидат конкуренти на пазарот на трудот. 

Според него со ваквиот пристап се создава идеолошка конфузија.

Богатите ќе се оданочуваат – вие со оваа реформа не го оданочувате богатството и тука е проблемот затоа што правите конфузија помеѓу доход и богатство. Дали е богат некој млад инженер кој што се наоѓа на меѓународниот пазар на труд  и заработува 1.500 евра, живее кај своите родители и нема стан нема педа земја, посочи Славески.

Промовирани огласи »

Покрај прогресивна даночна стапка, која за месечните приходи до 90.000 денари останува 10, а за секој денар над таа сума се зголемува на 18 проценти, која е веќе објавена, со Предлогот на законот за личен доход се зголемува и стапката за оданочување на каматите на штедните влогови, дивидендите, игрите на среќа…

Така, ако сега дивидендите и добивките од игрите на среќа се оданочуваат со 10 проценти, од 1 јануари следната година, кога се планира овој закон да почне да се применува, стапката се зголемува на 15 проценти. Истата даночна стапка е предвидена и за каматите на штедните влогови, но со одложена примена, од 2020 година.

На каматите од депозити, вклучувајќи ги трансакциските, штедните и другите депозити, како и на каматите од хартии од вредност граѓаните ќе плаќаат данок на доход по стапка од 15 отсто, ако на годишно ниво тие надминуваат 15.000 денари.

Конкретно, како што се појаснува во Предлогот на законот, единствената стапка од 15 проценти е предвидена за доходот од права од индустриска сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, за капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и за друг доход. Значи, ги опфаќа и дивидендите, каматите од депозитите, каматите од заеми на физички и правни лица, каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност.
Инаку, од содржината на Предлог-законот, објавен на ЕНЕР, се гледа дека освен месечниот праг од 90.000 денари, предвиден е и годишен праг за примена на прогресивна даночна стапка. Со 10 проценти се оданочуваат годишните приходи до 1.080.000 денари, а со 18 проценти делот над таа сума.

– Предмет на оданочување се следните видови на доход остварени во земјата и во странство: доход од работа;
доход од самостојна дејност; доход од авторски и сродни права; доход од продажба на сопствени земјоделски производи; доход од права од индустриска сопственост; доход од закуп и подзакуп; доход од капитал; капитални добивки; добивки од игри на среќа; доход од осигурување и друг доход. На оданочување подлежи доходот од став (1) на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид, стои во предлогот на законот.

Предивдено е данокот да се плаќа и на приходите остварени во странство, а обврска да го плаќаат имаат и трговци -поединци, како и физички лица кои се занимаваат со земјоделска дејност или занаетчиска дејност и лица кое вршат услуги или слободно занимање. како и оние кои остваруваат прихопди од непријавена дејност.

Како доход од работа се смета не само платата, туку и сите надоместоци, вклучувајќи ги и бонусите, премиите, К-15…

Под доход од самостојна дејност, пак, се смета доходот остварен од стопанска дејност, од давање професионални и други интелектуални услуги, од земјоделска дејност и од други дејности чија крајна цел е остварување на доход. Како доход од стопанска дејност се дефинира доходот од производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност, под доход од професионални и други интелектуални услуги се подразбира доходот од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултанска, сметководствена, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност, а доход од земјоделска дејност е доходот од производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи, како и одгледување на добиток и други стопанско-корисни животни и пласман на нивните производи.

Овој предложен закон предизвика жестоки реакции кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а како што вчера потсети Стопанската комора на Македонија, неодамна сите комори во државата заедно побараа примената на прогресивното оданочување да се одложи за пет години. Затекнати со ненадејната презентација на даночната реформа викендов, тие забележаа дека не е во ред вакво нешто да се објавува само 60 дена пред донесувањето, но најавија дека конечниот став ќе го објават денеска, откако претходно ќе направат консултации.

Како што веќе информира министерот за финансии Драган Тевдовски, со овој закон треба да се задоволи социјалната правда, зашто Македонија е на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Со овој даночен рез се очекува да се обезбедат дополнителни 25 милиони евра, кои ќе се користат за борба против сиромаштијата.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »