Во Радишани почнува вонредна вакцинација против морбили и таа ќе важи од шестмесечни бебиња до млади на 14-годишна возраст, за да се намали опасноста од ширење на ова високозаразно заболување од кое може да има и смртни последици.
Градинката „Ташко Караџа“ во скопската населба Радишани, каде што пет деца и еден возрасен маж се заразиле со морбили најмалку две недели, ќе биде под клуч. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе ваква одлука, бидејќи можно е да има и до 136 новозаразени од мали сипаници, оти еден заболен може да зарази и до 20 здрави, невакцинирани лица.
Градинката е веќе дезинфицирана и сите 104 деца се дома, но тие и вработените можат да инфицираат други, бидејќи инкубацијата трае, па можно е да има и нови заболени.
Според здравствените власти децата кои се заболени се невакцинирани и се родени во 2016 година, кога опфатот со вакцинацијата бил околу 65 отсто, а тој треба да биде над 95 отсто за да се смета дека постои добра колективна заштита.
Од Институтот за јавно здравје велат дека ќе се проверуваат околу 100.000 вакцинални картони во Скопје, оти се очекува да бидат пронајдени од 5.000 до 10.000 невакцинирани деца. Според нив треба да се вакцинираат сите деца од една година до 14 години кои немаат доказ дека ја примиле оваа вакцина и тие ќе добијат покани.
Освен во Скопје ќе се проверуваат картоните за вакцинација на децата од целата земја. Во 2011 година имавме и еден смртен случај од ова заболување, од кое едно од 20 заболени може да се разболи од воспаление на белите дробови, а едно од илјада од менингитис.
Според министерот за здравство Венко Филипче ова се должи на негативните кампањи против вакцинирање, особено со вакцинацијата од МРП која штити од мали сипаници. Министерот апелира кон родителите да ги вакцинираат своите деца, бидејќи децата кои сега се заразени од мали сипаници не се вакцинирани.
Министерот е загрижен оти ова е веќе трета епидемија годинава, а тоа е сериозен знак на губење на колективниот имунитет од ова заболување.Филипче реагира дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште.
Ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници на Министерство за образование и Министерство за труд и социјала. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија од болест која може да биде смртоносна, а може да се превенира со вакцинација – реагира Филипче.
Вакцинирањето на децата е задолжително, но родителите на своја рака одлучуваат да не ги вакцинираат и со тоа да ги доведат во опасност децата што се вакцинирани и родителите кои ги почитуваат препораките и прописите.
Три од петте деца заболени се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и се во стабилна здравствена состојба. Тие имаат полесни компликации, бронхопневмонија, ларингит, ентероколит. Според лекарите кај помалите деца компликациите се почести и посериозни, бидејќи нивниот имунолошки систем не е доволно развиен.
Епидемиолозите исто така предупредуваат дека малите сипаници се болест што можат да предизвика сетриозни компликации и апелираат дека вакцинацијата е единствената заштита. Можно е да дојде до воспаление на мозокот, но и да има смртни последици.
Годинава се регистрирани 51 случај на морбили. Болеста ја предизвикува вирус кој е многу заразен и се пренесува преку системот за дишење, а инкубацијата трае околу две недели. Болеста се манифестира со зголемена телесна температура од 38 до 40 степени, главоболка, малаксаност, вознемиреност и исипаност по телото.