Богатството на 25-те најбогати семејства во светот порасна на скоро 1,4 трилиони долари.
Ова го покажува рангирањето коешто вчера го објави агенцијата Bloomberg.
На првото место на оваа листа со севкупно богатство од 191 милијарда долари е американското семејство Волтон, сопственици на најголемиот светски синџир супермаркети „Walmart“. Волтон во последната календарска година станале побогати за 39 милијарди долари.
На второто место со 127 милијарди долари, и со годишен раст од 39 милијарди долари, се најде семејството Марс, сопственици на производителот на чоколадата „Mars“. На третото место годинава се браќата Дејвид и Чарлс Кох, кои ја водат петрохемиската компанија „Koch Industries“, а сега располагаат со вкупен капитал од 125 милијарди долари, односно за 26 милијарди долари повеќе отколку пред една година.
Четвртото место е резервирано за кралското семејство на Саудиска Арабија со 100 милијарди долари, кое првпат се најде во ова рангирање. Следат браќата Ален и Жерар Вертејмер, сопственици на модната куќа „Chanel“ со 57,6 милијарди долари, а шестото место го зазема, исто така, француското семејство Дима, сопственик на познатата модна куќа „Hermes“ со 53,1 милијарда долари. На седмото место се трите белгиски семејства Ван Дам, Спулберх и Де Мевиус во чија сопственост е пиварската корпорација „Anheuser-Busch INBEV“, со проценети 52,9 милијарди долари.