Бројот на членови кои издвојуваат средства во пензиските фондови со кои управуваат пензиските друштва во рамките на вториот и третиот пензиски столб е во постојан пораст. Според последните податоци од Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување(МАПАС), на крајот на октомври 2019 г. во вториот столб имаше нешто над 505.000 членови чии уплати изнесуваат околу 1,2 милијарди евра. Притоа, КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, управува со над 620 милиони евра на своите членови, Сава пензиски фонд- со околу 560 милиони евра, додека Триглав пензиски фонд, кој од годинава се вклучи во капитално финансираното пензиско осигурување – со околу 3,7 милиони евра.
Осигурениците кои задолжително членуваат во вториот столб веднаш по вработувањето времено се распределуваат од страна на ФПИОСМ во задолжителен пензиски фонд по случаен избор, со цел да се обезбеди оплодување на нивните средства од самиот почеток на членството во задолжителен пензиски фонд. Овие осигуреници имаат рок од 3 месеци од датумот на пристапување во задолжително пензиско осигурување да одберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе членуваат. Доколу по истекот на тој рок не одлучат во кој фонд ќе членуваат, остануваат членови во задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени.
Со измените и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во 2019 година од бруто платата за идна пензија се издвојуваат 18,4% како придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, со тоа што кај членовите во вториот столб, од овие средства 12,4% одат во државниот пензиски фонд (ФПИОСМ), а 6 отсто во некој од приватните задолжителни пензиски фондови.
Меѓутоа, не расте само бројот на членови кои одвојуваат средства за пензија на задолжителна основа по основ на вработување и остварен личен доход, туку расте и бројот на оние кои издвојуваат во третиот пензиски столб, што значи на доброволна основа. Според месечниот извештај на МАПАС, заклучно со крајот на октомври 2019 г., двата пензиски фонда – КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд и Сава пензија плус имаат околу 24.900 членови (Триглав доброволен пензиски фонд сé уште нема членови) и управуваат со околу 30 милиони евра на своето членство.
Ако се спореди со почетоците на работа на доброволните пензиски фондовисогалсно објавентие информации од страна на МАПАС , во овие 10 години колку што функционира доброволното пензиско осигурување, бројот на членови пораснал за речиси 23.000. Имено, пред 10 години кога почнаа да работат Отворениот доброволен пензиски фонд НЛБ пензија плус, денес Сава пензија плус и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, на крајот на 2009 година тие имаа само 1.611 членови, во 2013 година бројот се зголеми на 18.525, за на крајот на минатата година во третиот пензиски столб да има 24.388 членови.
Бројките, како за бројот на членови, така и за средствата кои се издвојуваат во друштвата, покажува дека расте свеста кај граѓаните за потребата да се штеди за посигурни пензионерски денови. Примарна цел на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување инаку е обезбедување повисок приход по пензионирањето, за осигурениците кои се веќе осигурени во едностолбниот, односно во двостолбниот пензиски систем. Но исто така е и начин за обезбедување пензија за оние кои не се опфатени со задолжителното пензиско осигурување и на овој начин можат да издвојуваат средства лично за себе или тоа за нив да го прават други лица.
Ова особено станува сé поактуелно поради фактот дека многу млади денес работат преку интернет, па издвојувањето средства на сопствена сметка може да им обезбеди сигурност во староста. Во третиот столб може да издвојуваат и компании или здруженија на граѓаните кои преку професионални пензиски шеми можат да организираат и финансираат дополнително пензиско осигурување за своите вработени, односно членови, што е вообичаена практики во многу европски земји. Денес сé поголем број компании ги препознааваат придобивките од уплатите во добороволните пензиски фондови за своите вработени, со што воедно ги наградуваат и вложуваат во заедничкиот развој и успех
„Во КБ Прво пензиско друштво кое управува со КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, според месечниот извештај на МАПАС на крајот на октомври 2019 г. имаше 14.434 членови во КБ Прв доброволен пензиски фонд кои на овој начин штедат за посигурна старост. Дел од членовите одвојуваат на индивидуална основа, додека голем број фирми во пензиски шеми издвојуваат за над 11.000 вработени. За да се стимулира штедењето преку пензиски шеми, фирмите доколку уплатат износ до две просечни месечни бруто плати на ниво на РСМ, или околу 72 илјади денари, на годишно ниво се ослободуваат од данок на личен доход и овие средства се сметаат како признат трошок на фирмата“, објаснува ПредрагМилошевски, втор генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.
Членот, уплаќачот и осигурителот во доброволните фондови имаат право слободно да ги одредуваат висината на уплатениот износ и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата, не значат прекин на членството. Износите на доброволните придонеси ги определува осигурителот, за сите учесници во професионалната пензиска шема, која тој ја организира и ја финансира и ги определува како процент од платата или фиксен износ на членот кој е вклучен во професионалната пензиска шема.
Средствата со кои управуваат пензиските фондови се вложуваат со цел да се оствари принос за членовите, којшто директно се распределува на нивните индивидуални, доброволни индивидуални и/или професионални сметки. На овој начин пензиските друштва на идните пензионери им ги оплодуваат средствата со кои управуваат. Портфолијата на пензиските фондови се диверзифицирани и содржат државни обврзници, депозити, акции во домашни компании, удели во инвестициски фондови, акции во најпознатите светски компании и друго. На пример, преку инвестициите, членовите на пензиските фондови имаат сопственост во Алкалоид, Амазон, БМВ, Самсунг, ИБМ, Сименс, Нестле и многу други познати светски и домашни компании.