Промовирани огласи »

Eвропската економија е во рецесија. Ова го покажуваат податоците на Евростат. Бруто домашниот производ во еврозоната се намали за 0,6 проценти во првото тромесечје од 2021 година. 

По големиот  пад во четвртиот квартал од 2020 година, сега имаме нов пад, и тоа покажува дека економијата на 19-те членки е во рецесија. Два последователни квартали на негативен економски раст се дефинираат како техничка рецесија.  Еден од факторите за забавување на економијата е бавното воведување на вакцини и долготрајната блокада. Вториот фактор е помалата државна помош за економијата.

Во меѓувреме, Западен Балкан излегува од рецесија, според Светска банка. 

Државите кои се соочија со силна рецесија поради пандемијата, до крајот на годинава можат да очекуваат постепено закрепнување и економски раст од над 4 отсто.

Промовирани огласи »

Дигитални здравствени пропусници во ЕУ ќе почнат да функционираат од јуни. 

Пропусницата, издадена од лекар или здравствена установа, ќе содржи QR-код со информации дека патникот е вакциниран против коронавирусот или е негативен на тестот. Испечатен на хартија или зачуван во апликација на смарт телефон, кодот ќе биде доказ дека сте имуни.

Апликацијата ја изработуваат членките на ЕУ. Франција веќе тестира апликации за летовите. Тимот на „IBM“ во Германија развива апликација за корисниците и втора „контролна“ апликација што ќе ја користат, на пример, стјуардесите или полицајците на границите. Зелената боја ќе значи дека пропусницата е автентична, а црвената не.

Европската комисија планира да распише тендер за централен систем што ќе овозможи поврзување на различни национални апликации и на тој начин да се обезбеди патување меѓу членовите. Треба да се утврди како ќе се третираат патниците надвор од ЕУ.

Промовирани огласи »

Државната помош да се исплаќа директно на сметките на работниците за да нема злоупотреби од газдите;  покачување на платите, но и итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата се само дел од барањата на сидикатите и здруженијата кои повикаа на заедничка борба за работничките права.

Преку првомајски проглас, синдикатите посочија дека на глобално ниво, 100 милиони луѓе западнаа во тешка сиромаштија, а сите работници заедно изгубија околу 3.700 милијарди долари, односно 8.4 проценти од нивниот доход, исто онолку за колку што се зголеми богатството на светските милијардери.

За состојбата во Македонија, велат дека десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите.

Во прогласот се додава дека минималната плата е зголемена за само 200 денари, а дел од фирмите кои добија 800 милиони евра за справување со кризата, ја злоупотребија оваа државна финсиска помош оставајќи ги вработените без плати. Потсетуваат дека 17.000 работници не ја добија заработената плата за три месеци поради тоа што пратениците сметаа дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“.

Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале невработени.

Синдикатите бараат:

Итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси.
Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува, односно, трошоците за задоволување на основните егзистенцијални потреби како исхрана, облека и средства за заштита од вирусот постојано растат.
Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од Ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа.
Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.
Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.
Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.
Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.
Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.
Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) брзо и ефикасно да реагираат за да се спречат злоупотребите и грубото кршење на работничките права. Државните служби да ја користат можноста да иницираат постапки по службена должност кај работодавачите за кои има сознанија дека постапуваат спротивно на закон. Дополнително, државните служби да ја користат можноста за повикување на кривична одговорност на работодавачите.
Задолжително консултирање со синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и што се залагаат за работниците и за работничките права при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

Потписници на прогласот се Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ); Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС);  Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ); Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ); Независен академски синдикат (НАкС); Левичарско движење „Солидарност“; Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“; Хелсиншки комитет за човекови права.

Премиерот Зоран Заев со видео обраќање го честиташе Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај. Вели дека дале поддршка за да се зачуваат илјадници работни места и илјадници вредни работници редовно да земаат повисоки плати и минималец повисок за 6.000 денари. 

Промовирани огласи »

Улицата Џон Кенеди ќе се пробива низ ромската населба во Чаир за да се спои со булеварот Никола Карев или познатата Пластичарска улица. Град Скопје почнува со постапка за изработка на проект за оваа нова улица, кој ќе биде основа за нејзина изградба, за што беше склучен договор за меѓуопштинска соработка со општините Чаир и Карпош.

Се предвидува улицата Џон Кенеди да продолжува од крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада до булеварот Никола Карев кај Американската амбасада. На трасата сега се наоѓаат куќи од ромското маало, а за нејзина изведба триесетина ќе бидат урнати, а сопствениците ќе бидат обесштетени. Улицата ќе биде со четири коловозни ленти, по две во двата правци и како што вели градоначалникот Петре Шилегов ќе се овозможи брз проток на сообраќајот во овој дел.

Пробивањето на оваа улица е дел од визијата и коридорите кои ги градиме во северниот дел од градот, со цел да овозможиме побрз проток на сообраќајот и пократко време за патување. Овој дел од Скопје со години бил запоставуван. Во моментов го прошируваме булеварот Никола Карев, работиме на улицата Македонско-косовска бригада и очекувам годинава да завршиме со проектирање на новата улица и догодина да стартуваат градежните работи. Со тоа ќе заокружиме една целина во овој дел кој години наназад е тесно грло, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Град Скопје минатата недела го распиша и тендерот за изградба на клучката кај Момин поток вреден 18 милиони евра. Шилегов вели дека станува збор за капитален проект за Скопје бидејќи во овој дел односно кај „Хубо Маркет“ и крстосницата кон Визбегово се најголемите гужви во Скопје, а според пресметките тука дневно минуваат 25.000 возила.

Клучката ќе биде на две нивоа и ќе се изведува во ридот. До крај на мај ќе завршиме со проширување на улицата Никола Карев и летово го стартуваме овој проект кој за 2,5 години не само што ќе му даде нов лик на градот туку ќе отвори нови коридори. Исто така со ваква инфраструктура ќе овозможиме и поттикнеме ширење на градот во овој дел, што е и моја заложба, двете страни на Вардар да бидат еднакво атрактивни за градба. Имајќи предвид дека добар дел од овој простор потпаѓа под општините Карпош,  Центар и Чаир, со реализација на ваквите проекти ќе се оневозможи во иднина да имаме узурпација на просторот од нестандардна градба, ќе се намали притисокот во деловите кои се веќе изградени, а истовремено Карпош и Центар ќе добијат нов простор за урбан развој, додава Шилегов.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »