Електричниот тротинет во последниве години стана се почесто средство за превоз. Може да го управуваат лица со навршени 14 години. Правилата за возење на електричен тротинет се утврдени со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а за нивно непочитување утврдени се соодветни казни.
Возач на електричен тротинет мора да носи заштитен шлем и може да го управува тротинетот по велосипедска патека/лента доколку има и е означена или по десната велосипедска патека, тротоар или пешачка патека во однос на правецот на движење на сообраќајот.
На велосипедската патека возачот на електричен тротинет смее да се движи со брзина до 25км на час, а доколку се движи на површина наменета за пешаци до 6км на час.
За непочитување на горенаведените правила предвидени се глоби.
Прекршочен платен налог со глоба во износ од 80 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот на тротинет или на родителот доколку станува збор за малолетен возач кој ќе го управува електричниот тротинет на површини спротивни на утврдените за возење на тротинет.
Прекршочен платен налог со глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој ќе се движи со брзина поголема од 25 km/h односно со поголема брзина од 6 km/h на пешачка патека односно друга пвршина наменета за пешаци.
Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој ќе превезува други лица за време на управувањето.
Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото.