Охридската цреша стана деветнаесетиот бренд со заштитен географски називи во Македонија. Барањето што беше поднесено заедно со елаборат за регистрација на заштитен назив со географска ознака од страна на производители на оваа овошка е веќе одобрено и излезено во „Службен весник“. Таа им прави друштво на кочански ориз, тетовски грав, малешевско сирење, охридски чај и македонски ајвар. Меѓу брендовите најмногу има вино, сирење, мед, но и минерална изворска вода. Фирмите кои брендираат одреден производ ќе добијат по 300.000 денари субвенции за производ.
Садење според правилник
Предвидено е кофинансирање на 50 проценти од трошоците во процесот на заштита на квалитетот и поддршка на производителите кои користат заштитени македонски називи. Со 80 отсто ќе се покриваат трошоците направени за воведување заштитна ознака за квалитет, за изработка на елаборат на производот, анализи, трошоци за контрола и верификација.
Во Министерството за земјоделство велат дека елаборатот за охридската цреша беше на увид и секое домашно или странско правно или физичко лице, кое имаше право, можеше да поднесе приговор на предложениот назив.
- Приговорите можеа да се поднесат до Министерството во рок од 30 дена од денот на објавувањето на елаборатот. Секој што сметаше дека се исполнети условите за приговор утврдени од Законот за квалитетот на земјоделските производи имаше право на тоа. Во овој случај никој не поднесе приговор - велат во Министерството.
Земјоделската задруга „Охридска черешна 2015“, секоја година пред почетокот на сезоната на берба изготвува листа на производители која ги содржи податоците за производителот, површината под насад, сортата, подлогата, бројот на стебла, предвидениот принос во тони, просечната старост на овошките во години и точната локација, а на крајот од самата листа се наведува предвиденото вкупно производство.
Во елаборатот стои дека новите насади на охридска цреша ќе се одгледуваат со густина на садење од 625 растенија на хектар доколку се калемени на бујни подлоги и густина од 1.200 растенија на хектар, доколку се калемени на слабо бујни или среднобујни подлоги.
Прскање само со контрола
За подигнување нови насади по добивањето на заштитата за ознака на потекло, задолжително треба да се користи исклучиво саден материјал набавен од официјално регистрирани расадници, проследени со сертификат за конечно сертифициран материјал за размножување и саден материјал, издаден од Управата за семе и саден материјал. Со него се потврдува сортната чистота и здравствената состојба на материјалот за размножување.
Растителна заштита ќе се врши само тогаш кога појавата на болести и штетници ќе го надмине економскиот праг на штетност или кога условите на средината се поволни за развој на болести и штетници.
Плодовите со географска ознака „охридска цреша“ се пакуваат во дрвени или хартиени гајби со тежина од 4 килограми. Подготовката за пазар, како и пакувањето ќе се одвива во производното географско подрачје.
Бербата се врши рачно и крајно внимателно, како би се избегнале штети на плодовите. Плодовите се пакуваат и дистрибуираат веднаш по бербата.
Земјоделците да ги пријават штетите од пролетниот мраз
До 10 мај земјоделците може да поднесуваат барање за процена на штети од доцните пролетни мразови настанати на 21 и 22 овој месец. Барањата треба да се доставуваат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во прилог на барањето земјоделците треба да достават и фотокопии од лични документи и трансакциска сметка, како и фотокопија од документ за доказ за користење или сопственост на земјоделското земјиште, соопшти МЗШВ.
За процената на штетите формирани се 73 комисии кои ќе ги посетат сите земјоделските стопанства на чии површини има измрзнување на културите.
Во согласност со одлуката на Владата од недела комисии за испитување на штетите настанати кај овошните и лозовите насади од ниските температури и мразот се на терен и прават записници за штетите.