Синдикатот на УПОЗ денеска се обрати со барање до Владата и Комисијата за заштита на населението, укажувајќи дека предложените мерки се спротивни на уставот и побара изнаоѓање поинакво решение.
Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден ја информираше јавноста дека Комисијата за заштита на населението од заразни болести со консензус одлучила да ѝ предложи на владата нова мерка, која ќе ги мотивира вработените во јавниот сектор да се вакцинираат или задолжително да се тестираат на секои 72 часа.
За влез на работното место, освен сертификат за вакцинација за примена најмалку една доза, ќе може да се користи и сертификат за прележан ковид-19, како и негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.Ова е ставот кој и вчера го кажа генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Сметаме дека ваквата предлог мерка на Комисијата е противуставна, спротивна на позитивните законски норми, меѓународните конвенции за заштита на човековите права и слободи и препораките на Обединетите нации. Она што посебно не загрижува е тоа што ваквата предложена мерка директно задира во финансиската моќ на вработените, и уште повеќе ја загрозува и онака малата економско - материјална состојба на вработените, се вели во реакцијата од Синдикатот на УПОЗ.
Според нив, согласно член 1 од Уставот е предвидено дека земјава е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. А во преамбулата на Уставот е наведено дека потребно е да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот и да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи.
Во членот 32 од Уставот, пак, е предвидено дека „ секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привреамена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а секој вработен има право на соодветна заработувачка“.
Нашето мислење е дека доколку Владата реши да ја прифати ваквата предлог мерка од Комисијата за заштита на населението, ќе ги прекрши темелните вредности на кои е поставен Уставот. Доколку вработените бидат спречени да се појават на работа поради немање сертификат или ПЦР тест се отвара можност за прекин на работниот однос или поведување дисциплински постапки и парични казни. Предложените задолжителни ПЦР тестови на секои 72 часа (три) дена, ќе значат дека вработените ќе мораат да издвојат приближно 20.000 денари месечно само за ПЦР тестови, односно ќе мора да ја потрошат целата своја плата за да докажат дека можат да одат на работа, се вели во реакцијата од Синдикатот на УПОЗ.
Од тие причини од овој синдикат апелираат при носење одлука по предложените мерки од Комисијата, Владата да ги има предвид уставните и законски одредби, меѓународните конвенции за човекови права и слободи и меѓународните ратификувани договори. Односно, апелираат да се изнајдат други начини за да се мотивираат вработените да се вакцинираат.