Развојот на технологијата води до укинување не само на поединечни работни места, туку на цели професии
Технологијата и технолошкиот напредок се развиваат со темпо, незамисливо за пред само неколку децении. Брзиот раст води до чести, но фундаментални промени во структурата на модерните економии, при што не само поединечни работни места, туку професии згаснуваат, а други, пак, растат со двоцифрено или троцифрено темпо. Исчезнувањето на фирми или цели индустрии неизбежно води до затворање на многу работни места. Постојаната пенетрација на технологијата во сите сфери на животот и бизнисот често значи дека некој останал без работа.
Во супермаркетите се' повеќе се воведува автоматско означување на производите и електронска наплата за производите, а тоа значи дека касиерите наскоро ќе исчезнат како професија. Портирите, пак, се заменуваат со електронските системи за безбедност. Возачите само по неколку години ќе станат непотребни, бидејќи автомобилите ќе се управуваат сами. Всушност тие веќе го прават, како на пример смарт-автомобилите кои веќе се користат во некои мегаполиси во САД. „Прашањето е дали треба да се грижиме што поради новите технологии и нивното погубно влијание врз традиционалните професии ќе не' чекаат огромен број на луѓе кои ќе останат без работа бидејќи некој електронски систем или робот им го зел местото? Краткиот одговор е ’не’“, коментираат експерти.
Целата човечка историја, барем онаа за која знаеме, според нив, е низа од иновации и пронајдоци кои погребуваат нечиј бизнис и работни места. Но паралелно со тоа се создаваат работни места во новите индустрии, компании и бизнис-модели. Иновациите се клучни за постојаното зголемување на животниот стандард на светското население. Луѓето веќе работат многу помалку и во подобри услови за работа, но за сметка на тоа можат да обезбедат многу подобар живот. Само пред помалку од двесте години, во 1820 година, според податоците на Светска банка, 95 отсто од светското население живеело во сиромаштија. Сега овој процент е само 10 отсто и продолжува да паѓа брзо. Само за последните 25 години, уделот на крајно сиромашните намалил за половина.
Големите универзитети нудат програми и курсеви за возрасни студентите, во кои може да се вклучи секој кој има потреба од нови знаења или преквалификација. Постојат и голем број професионални курсеви во кои невработените учат нови професии кои се бараат на пазарот. Со темпото со кое новите технологии ги заменуваат старите, никој не е сигурен дека неговите знаења и вештини еден ден нема да станат непотребни.
Долгорочно, решението е едноставно, советуваат експертите, секој да се обучи за две или три професии, без разлика дали се поврзани или не. Вештините треба постојано да се ажурираат што веќе е многу лесно со помош на бесплатни онлајн-курсеви во сите сфери, странски јазици, кулинарство, маркетинг, програмирање... Во тие услови, одговорноста дали ќе останат без работа или не, ја носат, пред се', самите индивидуи.