Промовирани огласи »

Шефот на една компанија го отпуштил својот вработен бидејќи излегол од работа две минути порано. Шефот го начекал вработениот на паркингот и го известил за отказот.

Според медиумите во Австрија, вработениот работел како инженер за продажба во компанија за висока технологија. Со оглед на тоа што неколку пати бил ангажиран и за техничка поддршка, едвај му останало време за вистинската задача, односно грижата за клиентите.

Тој го предупредил шефот на компанијата за проблемот, но му било кажано дека може да работи прекувремено, а доколку тоа не му успее, може да се грижи за своите клиенти во слободното време. Десет часа прекувремена работа месечно и онака е „нормално“.

Меѓутоа, дотогаш вработениот веќе работел повеќе од 130 часа прекувремена работа. Кога истиот ден, на крајот од нормалното работно време во фирмата, вработениот отишол да пазари до најблискиот супермаркет, на паркингот го пречекал неговиот шеф, кој на лице место го известил за отказот, објаснувајќи дека тој веќе се одјавил од работа во 16:28, значи 2 минути прерано.

Дополнително, директорот на компанијата побарал итно враќање на клучот од службениот автомобил. Не обрнал внимание на зборовите на вработениот дека во возилото се‘ уште има лични работи.

Без автомобил и без цент за да купи барем автобуска карта, целосно збунетиот вработен морал да чека час и половина за да дојде неговата девојка да го земе. Веднаш стапил во контакт со Работничката комора. Меѓутоа, интервенцијата кај работодавачот поради неоправдано отпуштање била неуспешна. Компанијата дури се спротивставила на писмото за интервенција.

Вака случајот заврши пред судот за труд и социјала, за кој АК Долна Австрија на човекот му даде бесплатна правна заштита за да поднесе тужба против отказот. „Преплаќањето на колективниот договор не е билет со кој се овозможува слободно отстранување на вработените. Само шест прекувремени часови месечно се компензираат со плата“, вели претседателот на АК Долна Австрија и претседател на ÖGB Долна Австрија, Маркус Визер.

Дури пред усната расправа директорот сфатил дека губи со својата позиција. Затоа се обврзал да ја врати прекувремената работа и отпремнина од 8.370 евра, кои биле побарани како резултат на неоправданиот отказ, пишува Феникс Магазин.

Фото: unsplash

Промовирани огласи »

Зголемена е вредноста на договорите склучени низ нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 проценти од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука.

Тоа се дел од клучните наоди во Извештајот што го објави денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година. Во извештајот се вклучени и наоди од анкета на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети  за јавни набавки.

Во заклучоците на ЦГК стои дека институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори, при што се наведува дека се доставени известувања само за една третина од склучените договори.

Институциите не се откажуваат од електронската аукција и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата. Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите. Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби. Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди, се наведува во Извештајот.

ЦГК додава дека во 2021 година се поднесени 1.008 жалби од фирмите, што е за 2,5  проценти повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 проценти од нив. Сепак, бројот на уважените жалби се за 10,7 процентни поени помалку во однос на претходната година.

Според клучните наоди од анкетата на фирмите спроведена во февруари годинава, а во која  учествувале 284 фирми од сите поголеми градови во земјата, за 50 проценти од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Исто така, стои во наодите, 62 проценти од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, 51 процент од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а најголем дел од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.

Само шест проценти од фирмите изјавиле дека секогаш или често се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на коишто учествувале. Продолжува незадоволството на фирмите од комуникацијата со договорните органи кои ги спроведуваат тендерите. Само 31 процент од фирмите ја оцениле оваа комуникација како навремена и квалитетна, покажува анкетата, според која, фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.

Клучни наоди од истражувањето спроведено во министерствата и општините за нивните кадровски капацитети за јавни набавки, пак, покажуваат дека  јавните набавки во министерствата ги спроведуваат од еден до 24 вработени, додека во општините од еден до седум вработени, не сметајќи го Градот Скопје, каде што нивниот број е 12. Притоа, лицата за јавни набавки во министерствата спроведуваат помалку постапки, но нивната вредност е многу поголема од тендерите на општините. Дел од институциите користат и надворешна експертска помош, без притоа да се води грижа за превенирање на потенцијалниот судир на интереси.

Според клучните наоди од Базата на јавните набавки на општините во 2021 година, Градот Скопје и 80 општини минатата година за јавни набавки потрошиле 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра. ЦГК потенцира оти прoизлегува дека во 2021 година се потрошени 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.

Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра, Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра. Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт од Струмица со склучени 21 договор во вкупна вредност од 22 милиони евра, информира ЦГК. 

Промовирани огласи »

Виси парното греење во Скопје. Иако, ЕСМ се согласи да ја преземе работата на  БЕГ оваа грејна сезона и доби лиценци за дистрибуција и снабдување, се уште е неизвесно произвдоството на топлинска енергија.   

Нема договор за закуп со Адора која е сопственик  на топланите Исток и Запад. Од ЕСМ за Телма велат дека очекуваат да се договорат до почетокот на окотомври. По што ќе се објави и нов оглас за производство на топлинска енергија. 

До вчера беше и рокот до кој ЕСМ требаше да одговори на понудата на Макпетрол за количините на гас, токму за овие две топлани.

Грејната сезона почнува на 15 октомрви, а зависно до температурите може да стартува и порано, но се уште е неизвесно кога и од каде ќе се обезбеди  гасот.

Нема ниту конкретен одговор од властите дали Тето ќе се согласи да обезбеди 70 отсто од потребите на толинска  енергија и дали ќе може 24 да  работи и да генерира и струја.

Поранешниот директор на топлификација Хаџимишев вели дека ако има недостаток на гас, веќе е познато дека другата опција е да  се користи мазут, кој ќе биде серизоен загадувач.

Истовремено пропаднаа преговорите со Бугарија за испорака на стрјуа оттаму поради тоа што била понудена висока цена за мегават час што за владата не била прифатлива.

Извор: Телма 

Промовирани огласи »

Поголем распуст или онлајн настава за учениците во основното и средно образование за време на зимските месеци, предлагаат повеќе градоначалници, за да нема високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.

Идејата за овој предлог доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, а за ова се разговараше на денешната седница на Советот за развој на Полошкиот Плански Регион.

Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година, одлучивме како идеја да предложиме зимскиот распуст за децата да трае два месеца, во декември и јануари или во јануари и февруари, така што децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни, а новата учебна година да започне на 15 август. Или евентуално во трите месеци од зимата, декември, јануари и февруари наставата да биде онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега ова повторно да не се примени во насока на заштеда на електрична енергија. За ова ќе ни треба поддршка од Министерството за образование и ЗЕЛС, а нас нé поддржуваат и други градоначалници, изјави Таравари.

На седницата на Советот на Полошки Плански Регион се дебатирало и за можноста за нов проект околу менаџирање со отпадот, како и за регионалната соработка за справување со кучињата скитници.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »