Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд. Цените на становите во текот на 2021 година пораснаа за 6,1 процент, при што растот е позначителен од второто полугодие на годината. Стапката на раст на цената на становите во домашната економија е малку пониска од просекот за Европската Унија којшто изнесува 8,3 отсто, се наведува во Извештајот за финансиската стабилност на Народна банка.
Од НБРСМ, осврнувајќи се на Извештајот, посочија дека растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година.
Имено, поради пандемијата беа одложени дел од градежните работи, па се намали понудата на завршени станови во 2020 година, којашто веќе во 2021 година бележи раст. Значителен раст бележи и бројот на издадени одобренија за градење, што упатува на натамошен раст на понудата и во следниот период, во услови кога бројот на непродадени станови исто така расте, истакна од НБРСМ.
Оттаму посочија дека и во 2021 година, се бележи солиден раст на станбените кредити, како еден од изворите за финансирање на трансакциите со недвижности, што придонесува за одржување на побарувачката на овој пазарен сегмент.
Станбените кредити во текот на 2021 година пораснаа за околу 14 проценти во просек. Поволните услови на финансирање при ниски каматни стапки, како и пониската ризичност на станбените кредити (коишто се со најниска стапка на нефункционални кредити од 0,6 отсто) се фактори што придонесуваат за раст на станбеното кредитирање на домаќинствата, додадоа од НБРСМ.
Од Народна банка наведоа дека движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на сериозно зголемување на ризиците за финансиската стабилност поврзани со тој сегмент, но, оценија дека е потребно внимателно следење.
Сепак, војната во Украина и неизвесноста што ја носи за домашната економска активност и инфлацијата се фактори на ризик што може да влијаат врз пазарот на недвижности во следниот период. Народната банка и во следниот период будно ќе ги следи состојбите на пазарот на недвижности и ризиците поврзани со него, а подготвена е и за натамошно преземање соодветни макропрудентни мерки, доколку се оцени дека е потребно за зачувување на финансиската стабилност, потенцираа од НБРСМ.