Поранешниот главен архитект на Скопје, Никола Велковски, смета дека е време урбанизмот да почнат да го креираат да урбанистичките власти, а не сопствениците на градежни парцели и алчните инвеститори. Политиката „една парцела, еден објект“ дефинитивно ќе го задуши Скопје, вели тој.
Дали цените на становите во земјава ќе растат и годинава ќе зависи од побарувачката и од односот на сопствениците на градежни парцели и на инвеститорите. Во Скопје, дополнително на цената на квадратот ќе влијае и намалувањето на атрактивни локации за градење.
Сопствениците на градежни парцели бесрамно профитираат од ваквата состојба, велат познавачи на состојбите и градежници. Тие очекуваат стабилизирање на цените на ниво повисоко за 20 отсто во однос на годините пред пандемијата, но притоа треба да се реши и урбанистичкиот хаос што владее во Скопје.
Очекуваме цените да бидат одраз на пазарот и да се стабилизираат, но на повисоко ниво од она што го имавме пред пандемијата, за околу 20 отсто. Цените на градежните материјали веќе се стабилизирани, но затоа повисоки се трошоците за комуналиите за околу 50 отсто. Тоа влијае на цената на становите. Дополнително, имаме висока побарувачка, а намалена понуда на квалитетни станови. Некои инвеститори, кои немаат ништо со градежништвото, сакаат да профитираат и затиоа се нудат екстремно високи цени – вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво на Стопанската комора.
Не фрлајте пари, купувајте квалитет!
Има инвеститори коишто ја користат високата побарувачка на станови и во некои региони, како на пример во општина Центар, нудат станови со екстремна цена од 2.500 евра за квадрат, која реално не соодветствуваа на квалитетот. Ние немаме информација дека таква цена е наплатена за некој станбен објект, но кружат информации за тоа. Забележани се и екстремно високи проценти на отстапување на квадрати на сопственици на земјиштето во однос на периодот пред пандемијата, кога највисокиот процент беше 25 отсто, а сега надминува 35 отсто. Мислам дека сето ова ќе се надмине во наредниот период и очекувам конечно граѓаните да разберат дека треба да купуваат квалитетен стан – вели Серафимовски.
Архитектот Никола Велковски, кој е и поранешен градски архитект на Скопје, вели дека градежниците веќе немаат оправдување да ја зголемуваат цената како резултат на високите цени на струјата и на градежните материјали.
Сега главен збор ќе има побарувачката на станови која расте во последните години, како резултат на кризата. Граѓаните сметаат дека вложувањето во недвижнини е добра опција. Скопје и Охрид се избираат како најповолни градови. Секако, на цената на станбениот квадрат влијае и високиот раст на цената на градежните парцели, односно желбата на сопствениците на овие парцели да профитираат од фактот што во Скопје веќе нема атрактивни места за градење – вели Велковски.