Промовирани огласи »

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во периодот јуни – средина на август 2017 година, по втор пат после 2009 година, изврши авионско снимање на целата територија на Република Македонија. Согласно Европските регулативи и препораки авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП). Со просторната идентификација на земјишни парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен.

Во рамките на процесот ќе бидат произведени ортофото карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето. Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања. За таа цел, при крајот на тековната и во текот на 2018 година, во Подрачните единици на министерството ќе бидат повикани земјоделските стопанства кај кои е утврдено несовпаѓање помеѓу состојбата на постојната ортофото карта од 2009 година и новата карта од 2017 година од аспект на површината на парцелата или користењето на земјиштето, а со цел корегирање на воочените отстапувања.

Покрај за спроведување на земјоделските политики на поддршка, новите ортофото карти и дигиталниот модел на теренот се достапни и наоѓаат широка примена и од страна на голем број на органи на државна управа, единици на локална самоуправа и правни лица при извршување на нивните надлежности во просторното планирање и проектирање, јавната безбедност, итн.

Активностите на изработка на авионските снимки, ортофото картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште финансиски е помогнато од страна на Европската Унија преку ИПА 2008-ма проектот “Изработка на ортофото карти и дигитализација на употребата на земјоделското земјиште и развој на ИТ софтвер за ЕРЗС регистарот, ФАДН системот и надградба на СИЗП софтверот“.

Промовирани огласи »

Според Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Косово е втора земја со највисока стапка на невработеност кај младите лица во светот, по Босна и Херцеговина.

Во објавените информации на ЦИА, познати како Светска книга на факти „The World Fact Book” се опфатени и земји од Балканот.

Во оваа книга се наведени информации кои служат за официјална употреба на американските власти, обезбедувајќи јасна слика за демографијата, географијата, комуникацијата, државните органи, економијата и воените структури во светот. Властите на САД посебно го третираат проблемот со невработеноста на младите, при што Косово е во првите пет земји на листата каде се наоѓаат 134 држави и е рангирана многу понапред од земјите, како што се Јемен, Алжир и Етиопија, пишува електронскиото издание на приштинскиот весник „Експрес“.

Невработеноста на младите во Косово е 55,3 проценти. Пред Косово е Босна и Херцеговина со 62,8 проценти

Промовирани огласи »

Третина од работните места во Германија се пополнуваат преку приватни врски и познанства. 

Ова е својствено за малите фирми, велат од Сојузната канцеларија за вработување. 

32% од луѓето лани добиле работа преку познанства. 

Кај малите компании тој процент е уште повисок. 

21% од невработените нашле работа преку интернет платформите за вработување. 

Само 11% нашле работа преку огласите за вработување на интернет. 

Лани во земјата се пополнети 3.65 милиони работни места. 

Од нив 44% се мали фирми до 50 вработени. 

Заклучокот е дека малите компании потешко наоѓаат работници затоа што нудат мали плати и не толку поволни услови за работа. 

Промовирани огласи »

Македонските граѓани во мај купија 332 нови патнички автомобили, а ако на ова се додадат и уште 71 лесни доставни возила ќе се добие бројка од вкупно 403 продадени возила на македонскиот авто- пазар во овој месец. Ова го покажува извештајот на австриската консултантска куќа „ЦЕ ауто“, која се повикува на податоците од Групацијата на импортери на автомобили на Република Македонија и според него во периодот од јануари до мај 2017 година во земјава се продадени вкупно 2.184 лесни возила, од кои 1.830 се патнички, а 354 доставни комерцијални возила, т.н. пик-ап и комби- возила.

Сепак, бројот на продадени возила во авто- салоните во земјава сигурно е поголем бидејќи во извештајот на „ЦЕ ауто“ не се вклучени бројките за продажба на моделите на „Нисан“, „Хјундаи“, „Мазда“, БМВ и „Мерцедес“.

Според достапните податоци, „ЦЕ ауто“ заклучува дека во земјава опаѓа продажбата на нови возила и по стапувањето во сила на забраната за увоз на употребувани возила кои што се со Еуро 3 еколошки стандарди на 1 јули 2016 година. Имено, овој мај, бројот на патнички возила кои се продадени во авто- салоните е помал за 7 отсто на годишно ниво, додека за периодот јануари- мај продажбата е намалена за 1 отсто споредено со истиот период лани.

Изненадување на пол позицијата

На листата на најпродавани модели, во месец мај, изненадувачки на пол позицијата се најде „пежо 301“, со пазарен удел од 6,9 отсто. Најверојатно станува збор за флотна продажба на такси- компанија или друг деловен субјект, што придонесе овој модел да се пробие меѓу првите десет автомобили по продажба во првите пет месеци од годинава. Потоа следат „форд фиеста“, „опел корса“ и „тојота корола“. На петто место е „киа спортаж“, на седмо и на девето место се две доставни возила „фиат добло“ и „фиат дукато“, а на десеттото место во мај е минатогодишниот шампион по продажа „дачија дастер“.

Според податоците од „ЦЕ ауто“, во мај, најбарани се моделите на францускиот производител „Пежо“, кој продаде вкупно 47 патнички возила од сите марки. На втора позиција со продадени 45 автомобили е американскиот „Форд“, а по него е германски „Фолксваген“, кој за еден месец во земјава продал 37 возила од сите неговите брендови. На четврта позиција е чешката компанија „Шкода“ со 35 продадени автомобили, а во мај со возила на јапонската „Тојота“ се подновија 25 македонски возачи.

Од доставните возила најпродавани се моделите на „Фиат“ (28 возила), „Опел“ (12), а „Цитроен“ и „Фолксваген“ продале по 10 пик- апи или комбиња.

Навалица за половни

И додека стагнира продажбата на нови возила, цвета увозот на половни возила, од кои најголем дел се дизелаши, кои веќе не смеат да се возат во европските метрополи. Според статистиката од Царинската управа на Македонија, во првите шест месеци од годинава се увезени вкупно 14.260 патнички возила, од нив нови автомобили се 2.779, а дури 9.987 се употребувани возила.

За околу 3.000 евра на многубројните авто- плацеви низ земјава може да се купи автомобил од класата на „голф 5“ или друга марка стара од 10 до 15 години. Оваа цена е најдостапна за економската моќ на македонските возачи, но од друга страна не може да се измери во пари цената што ја плаќаме поради загадувањето на животната средина од нивните издувни гасови. Статистичката публикација за транспорт дава загрижувачки податоци дека дури 79,4 отсто од автомобилите во земјава, или околу 305.000 возила се постари од 10 години. Само околу 6.000 возила се помлади од две години, што изнесува 1,6 отсто во однос на 384 илјади патнички моторни возила, колку што биле вкупно регистрирани на крајот од 2015 година.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »