Промовирани огласи »

Нови цени на поштенските услуги во меѓународниот поштенски сообраќај се во сила од денеска.  Новите цени се однесуваат за писмата, поштенските картички, печатените работи и малите пакети. 

За стандардизираното писмо, поштенската услуга ќе чини 42 денари, а исто толку ќе чини и за поштенската картичка.

Поштенската услуга за нестандардизираното писмо до 20 грама во соседните држави и во земјите од Европа, кои се во втора зона, од септември ќе биде 42 денари, а за останатите држави од Европа, кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 45 денари. 

За препорачаните писма, ќе се доплаќа 139 денари како дополнителна цена која ќе се додава на цената за основната услуга.

Кај малите пакети до 100 грама, доколку се праќаат во соседните држави и во земјите од Европа од втора зона ќе се плаќа поштенска услуга од 105 денари, а за останатите европски држави кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 120 денари. За најголемите пакети од 1000 до 2000 грама, цената на поштенската услуга за соседните држави и за Европа, втора зона, ќе биде 1.115 денари, додека за останатите европски држави, Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот ќе биде 1.285 денари. 

За печатени книги, весници и списанија до 20 грама, поштенската услуга за соседните држави и Европа, втора зона, ќе биде 37 денари, а за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 39 денари. За пратка со печатени книги, весници и списанија кои тежат од 1000 до 2000 грама, ќе се плаќа поштенска услуга од 1.112 денари за соседните држави и Европа, втора зона, додека за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави во светот 1.265 денари...  

За авионски превоз за писмо, поштенска картичка, печатени работи, мали пакети и секограми (сите видови печатени работи за слепи)  за Австралија и Нов Заланд и за останатите земји во светот, цената ќе биде по 6 денари за секои 10 грама тежина на пратката, која ќе се пресметува како дополнителна цена и ќе се додава на цената за основната услуга. За земјите од Европа, цената за оваа услуга останува четири денари на секои 10 грама тежина на пратката.

Потребата од зголемување на цените, како што стои во образложението од Агенцијата за пошти, е оправдано од неколку причини - некои од постојните цени на основните и дополнителните услуги во меѓународниот сообраќај како писмо и поштенска картичка се во примена повеќе од 20 години, додека цените на нестандардизираното писмо, печатени работи и мали пакети, препорачано ракување и ракување со писмо, не се сменети шест години, а трошоците за нивно обезбедување се зголемени. 

Во образложението се наведува и дека вака зголемените цени на поштенските услуги се меѓу пониските во регионот и дека се во рамки на просекот со земјите од регионот.

Промовирани огласи »

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2023 година, живородени се 4 019 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 8.9 %.

Бројот на умрените лица во второто тримесечје годинава бележи намалување од 0.5 % во споредба со истиот квартал лани, односно починале 4 730 лица, а од нив шест се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен, - 711 лица, односно за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во второто тримесечје од 2023 година се склучени 3 228 бракови, што претставува зголемување од 10.9 % во споредба
со истиот период од 2022 година.

Во ова тримесечје се добиени 467 извештаи за разведени бракови.

Промовирани огласи »

Сите ученици од 1. до 5. одделение престојуваат во училиште пет часови дневно (исклучок се оние кои поради продолжен престој престојуваат и повеќе часови). Учениците од 6. одделение престојуваат во училиште 6 часови дневно, а задолжителниот престој на наставниците, пак, што реализираат настава од 1. до 6. одделение е 6 часови, без оглед на тоа дали се одделенски или предметни наставници.

Ова е наведено во документот во кои се содржани новите насоки за училиштата кои ги објавија одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО), а кои треба да се применуваат од утре, 1 септември. Новините првпат се воведуваат во образовниот систем, согласно новата Концепција за основно образование која беше усвоена пред две години. За неа имаше бурни реакции во јавноста, а откако започна да се применува, беше утврдено дека децата покритички размислуваат, но, и дека недостасува опрема во училиштата.

Поголемиот дел од времето учениците го поминуваат во редовна настава по задолжителните и изборните предмети (оние од 1. до 5. одделение во просек до 3,5 часови дневно, а оние од 6. одделение, во просек до 4,5 часови дневно). Остатокот од времето е наменет за одмори меѓу часовите), а дел е наменет за активности што се структурирани и организирани од наставниците или од училиштето во вид на одделенски час, дополнителни или додатни активности поврзани со наставата или со
воннаставни активности, какви што се хор, оркестар, спортски клуб, подготовка на театарска претстава, еколошки и хуманитарни акции, наведено е во документот.

Во однос на тоа како ќе изгледа час по интегриран предмет, во насоките е наведено:

Содржини од природните науки (биологија, хемија, физика и дел од географија), од историја и другите општествени и хуманистички науки, како и од техничко образование и информатика, се изучуваат како интегрирани во заеднички предмет (природни науки, историја и општество и техничко образование и информатика).

Предметните наставници по предметите историја, географија, граѓанско образование, техничко образование и информатика се сметаат за потенцијални наставници за реализација на новите наставни предмети Историја и општество и Техничко образование и информатика во 6. одделение, пишува во насоките за училиштата.

Како ќе се оцени ученикот по интегрираните предмети?
Со оглед на новиот начин на организација и реализација на интегрираните предмети во некој временски период наставниците може да имаат повеќе од 20 наставни часа, а во друг период помалку од 20 наставни часа неделно.

Сепак, овие наставници во просек на годишно ниво ќе имаат доволен фонд на часови и ќе им се пресметува целосна месечна плата во текот на целата учебна година, без оглед на начинот на организацијата и реализацијата на наставата во одделни периоди во текот на наставната година, пишува во документот.

Согласно наставната програма по историја и општество за 6. одделение, наставата по овој предмет во учебната 2023/24 година ќе се реализира со 3 часа неделно, односно 108 часа годишно, од кои 62 часа отпаѓаат на модулот историја, 10 часа на модулот граѓанско образование и 36 часа на модулот географија.

Со оглед на тоа што наставата по предметот историја и општество ја реализираат двајца или тројца наставници, секој наставник изведува посебна оценка за модулот што го реализира. На крајот на учебната година во свидетелството се запишуваат одделни сумативни оценки од историја, географија и граѓанско образование, пишува во насоките.

Наставникот не мора да предава лекција од учебник
Наставата по сите предмети не се базира на учебник, туку на наставната програма – наставникот на часот не реализира лекција од учебник, туку активности кои водат кон постигнување на стандардите за оценување од наставната програма, пишува во документот.

Учебниците можат да се користат на часовите само ако содржат вежби или други активности што се предвидени за работа на час, каков што е случајот со учебниците од 1. до 3. одделение. Како замена за учебници може да се користат материјали за учење подготвени од Бирото за развој на образованието. Во услови кога учебниците не се навремено обезбедени (повлечени се од употреба поради неквалитет, постапката за нивно одобрување не е завршена, или нема заинтересирани автори), за да им се олесни учењето на учениците, БРО изработува материјали за учење. За оние предмети за кои не се предвидени учебници, Бирото изготвува прирачници, наведено е во новините.

Домашни задачи на дигитални платформи
Домашните задачи за учениците од 4. до 6. одделение може да бидат испланирани и зададени на некоја од дигиталните платформи, пишува во насоките. Задачата треба да го стави ученикот во проблемски ситуации кои водат кон продлабочување на учењето (бараат размислување и став поткрепен со докази).

Тие задачи треба да овозможат интегрирање на знаењата од повеќе предмети и нивна примена во решавањето проблеми од секојдневни ситуации, да се надоврзуваат на интересите на учениците во дадени сфери од секојдневниот живот, да поттикнуваат на читање со разбирање на текстови од книги, новинарски статии, информации од
блогови и проверени сајтови, како и на други материјали од опкружувањето, пишува во документот.

Сите овие новини се воведени како резултат на новата Концепција за основно образование, која како крупна образовна реформа беше воведена во 2020 година, на иницијатива и во време кога министерка за образование и наука беше Мила Царовска. Минатата година, односно точно една година по примената на Концепцијата, одговорните во Бирото утврдија дека учениците покритички размислуваат од претходно, но дека недостасува опрема во училиштата за да може соодветно да се реализираат активностите превидени со новите наставни програми.

Во прво и во четврто одделение сѐ уште има недоволно опремени училници со потребната опрема, средства и материјали за соодветна реализација на новите наставни програми, согласно новата Концепција за основно образование. Oд друга страна, задачите кои ги даваат наставниците, најчесто за учениците се предизвик, со што го поттикнуваат критичкото размислување и анализа на дадени ситуации, утврдија лани советниците од Бирото.

Промовирани огласи »

Да најдеме секаков друг начин на притисок, но штрајк без настава за децата, не треба никогаш да се помисли“.


Оваа порака ја испрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири од студиото на ТВ21, односно летното издание на Клик Плус до синдикатите, а по повод најавата за штрајк. Како што е познато, Независниот синдикат за образование и наука најавува штрајк, поради како што велат, непочитувањето на одредбите од Колективниот договор и ниските плати.

Министерот вели дека се сретнал со СОНК, а дека ќе има и средба со Независниот синдикат, на коа ќе се бараат решенија. Како што додава, ги поддржува наставниците во нивните барања за повисоки плати.
 

Со новите проценти ќе стигнуваат повеќе од таа вредност, ќе стигнуваат повеќе од 35.000, 36.000, но секогаш ќе ги поддржуивам наставниците, никогаш не е доволно и треба да имаат повисоки плати. Но, се не може да се постигне во една календарска година-вели Шаќири.



Министерот додава дека веќе се покачени платие на вработените во образованието и дека уште ќе се покачуваат.


Во период од една година, 18,4 проценти се постигнаа, ние продолжуваме и овој септември, со општиот колективен договор да добијат 10 проценти., вели Шаќири.



Од Независниот синдикат за образование и наука велат дека вработените во основното образование добиваат потпросечни плати, како причина од непочитувањето и неспроведувањето на одредбите од колективниот договор.



За да биде запознаена јавноста поубаво, методологијата за пресметка на плата за вработените во секторот образование се состои од коефициент помножено со најниската плата за најнизок степен на сложеност во државата. Кај нас во секторот образование се користи најниска плата којашто е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво. На тој начин грубо се крши законот, незаконски се намалува платата на просветните работници и се создава ситуација просветните работници да бидат потпросечно платени., рече Томислав Гиевски од независниот синдикат за образование и наука.



Од СОНК нема поддршка за штрајк. Ставот на синдикатот е дека нема услови за штрајк бидејќи во моментов течат преговори за зголемување на платите во образованието и се финализира потпишување на нов Колективен договор. Од СОНК велат дека Колективниот договор се почитува.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »