Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ – СИЕР, смета дека и покрај евентуалното усвојување на измените на Законот за минимална плата во Македонија ниту имало, ниту ќе има утврдена гарантирана минимална заработувачка за работникот за полно работно време, поради тоа што во решенијата е вметнат терминот „нормиран учинок“ како услов за нејзино остварување.
Се додека во законот стои терминот „нормиран учинок“ како услов за остварување на минималната плата, тоа значи дека пред се нема никаква гаранција дека работникот ќе ја добие минималната сума предвидена со законот. Тоа исто така значи можност за манипулација од страна на работодавачите, што беше пракса и до сега. Текстот на измените на законот усогласен во јавната расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18 јули 2017 од страна на трите социјални партнери не содржеше „нормиран учинок“ во членот 2 од Законот. Затоа се прашуваме кој, зошто и во чие име ја додаде повторно оваа формулација, се вели во соопштението од СИЕР.
Такво нешто, посочуваат од СИЕР, нема во регулативата за минимлна плата во нашето опкружување ниту во земјите-членки на ЕУ, ниту во другите (Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија…)
Бараме Владата на РМ, односно пратениците кои се предлагачи на законот амандмански да интервенираат и да се исфрлат зборовите „нормиран учинок“ од членот 2 од Законот за минимална плата, односно Собранието да го прифати усогласениот текст на законот на Економско – социјалниот совет. Само на тој начин Македонија конечно ќе добие Закон за минимална плата кој гарантира дека работникот кој работи со полно работно време ќе ја добие, без условувања, злоупотреби и присила да работи подолго од полното работно време без дополнителен надомест, се вели во соопштението од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство во врска со законското решение за утврдување минимална плата.