Во Германија се зголемува бројот на мигранти од Западен Балкан и тоа само во првите 6 месеци од годинава биле издадени 63. 000 работни дозволи, а тоа е 70% повеќе од истиот период минатата година.
Причината за ваквиот прилив е специјалната регулатива за Западен Балкан воведена во почетокот на 2016 година. Кризата со пристигнувањето на големиот број бегалци од Сирија и Ирак се зголеми со барањето азил на граѓани од Македонија, Албанија, Србија и БиХ. Германија овие земји ги прогласи за „безбедни земји на потекло“, па мигрантите кои пристигнуваат од овие балкански земји имаат мали шанси за азил.
Сепак сите оние кои не можат да добијат азил, може да заминат во Германија само со работна дозвола, односно со доказ дека му е понудена конкретна работа и при тоа не се бара доказ за квалификација.
Според податоците од Институтот за истражување на пазарот на труд (IAB) од Западен Балкан најчесто доаѓаат неквалификувани работници (47%) и полуквалификувани работници (49.6%), додека пак факултетски образованите и стручните лица изнесуваат само 3.4%.
Најмногу работници се во областа на градежништвото (половина од работните дозволи), а потоа најзастапени се угостителските, па хигиеничарите, негувателите и градинарите.
По истекувањето на работната виза се бара од работниците да се вратат во своите земји, а сите оние кои работеле во Германија повеќе од 12 месеци, имаат право на социјална помош, па неретко остануваат иако ја изгубат работата.Работниците прво мораат да добијат дозвола за работа во својата земја, а во повеќето земји од Западен Балкан се чека по неколку месеци, освен во Босна, каде што се чека година дена. Регулативата за Западен Балкан важи до 2020 година.