Основците и средношколците ќе имаат пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај.
Како што соопшти МОН, 7 мај, ќе биде работен за сите училишта, додека 8 мај, денот кога ќе се одржува вториот круг од претседателките избори и парламентарните избори во земјава ќе биде неработен.
Но, ако се земе искуството од првиот круг претседателски избори, ниту денот пред изборите не беше баш работен за училиштата. Имено, доколку училишната зграда се користи за гласање, учениците беа пуштани дома во 11 часот, за да се достават материјалите за гласање. Ако се знае дека на 8 мај имаме двојни избори (претседателски и парламентарни) повеќе материјали треба да се достават, што значи тешко дека ќе има некаква настава. И онака, во училиштата каде наставата е организирана во две смени, едните (требаше да бидат) во училиште до 9, а другите од 9 до 11 часот, со насока од наставниците, ако не можат, нека не доаѓаат.
По повеќе премислувања, МОН одлучи овие неработни денови, 24 април и 8 мај, да не се одработуваат во саботи, туку директорите на училиштата да организираат неколку пати продолжена настава во рамки на работното време на наставниците од шест часа. Законот пак бара, учениците најмалку пет часа да се во училиште, што некаде ретко се случува.
Дополнително, во овој период се одржуваат екскурзии и насатава во природа (односно учениците одат по 3-4 дена во друг град), па многу од наставата нема да биде одржана во училишните клупи.
Наставната година за учениците од средните училишта ќе трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни, велат од МОН.
Но, без разлика на продолжената учебна година, учениците како во второто полугодие да не можат да фатат ред. Повеќе се слободни, отколку во училишните клупи. За нивна среќа, а на штета на образованието.