Земјите во светот страдаат од последиците од зголемената внатрешна нееднаквост и треба сериозно да размислат за прераспределба на богатството преку даночна политика и трансфер исплати, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), цитиран од агенциите.
Иако генерално глобалната нееднаквост како да е намалена во последните децении поради економскиот раст на земјите како Кина и Индија, нееднаквоста во некои земји се зголемила нагло, особено во големите како САД и Кина. Фондот предупреди дека прекумерната нееднаквост може да го намали економскиот раст.
Прогресивните плаќања за оданочување и трансферите се клучните компоненти на ефективната фискална редистрибуција, се вели во извештајот „Фискален монитор“ на ММФ.
Препораките на ММФ изгледа се разминуваат со ставовите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, чии нови даночни предлози се базираат главно на намалување на даноците за компаниите и на богатите.
Во извештајот ММФ наведува дека падот на вкупната светска нееднаквост во последните 30 години, кој е резултат на глобализацијата и технолошкиот напредок, ги прикрива длабоките проблеми во земјите.
Во истиот период, 53 отсто од земјите известуваат за зголемување на нееднаквоста во приходите, објави ММФ. Латинска Америка останува со најголемата нееднаквост во светот.
Особено е силен порастот на нееднаквоста во развиените економии, но се шири низ целиот свет.
Во многу развиени економии, како САД на пример, зголемувањето на нееднаквоста е резултат на поголемата концентрација на богатство во најбогатиот еден процент од населението.
ММФ, исто така, препорачува стеснување на празнините во образованието за да се елиминираат нееднаквостите во приходите.
Во исто време, Фондот предупреди за засилени ризици за финансиската стабилност на Кина во врска со големината, комплексноста и динамиката на растот во финансиската сфера на земјата. Ова е наведено во Извештајот за глобалната финансиска стабилност.
„Постојаниот раст во Кина и цврстите политики во финансискиот сектор во последните квартали ја намалија загриженоста во врска со можното забавување на растот во краткорочна перспектива и негативните секундарни ефекти за светската економија. Димензиите, комплексноста и динамиката на раст во финансиската сфера на Кина сепак покажуваат зголемување на ризиците за финансиска стабилност“, истакнаа експерти од ММФ.
Тие објаснуваат дека средствата на кинескиот банкарски сектор се зголемија од 240 отсто од БДП-то на крајот на 2012-та година на 31 отсто од БДП-то од оваа година.
„Покрај тоа поширокото користење на краткорочното финансирање на големо и „сивото кредитирање“ доведе до зајакнување на ранливоста на банките“, забележуваат авторите на извештајот.
Според нив Пекинг се судрил со потребата „точно да балансира стврднување на политиката во финансискиот сектор и забавување на економскиот раст“. „Одложувањето на темпото на раст на „сивото кредитирање, иако умерено, ќе се одрази негативно на профитабилноста и поширокото обезбедување на кредити од малите и средните банки“, заклучува извештајот на ММФ.