Владата ќе продолжи по истиот урнек како и до сега со субвенции за нискобуџетни летови кон македонските аеродроми, иако со тоа се нарушува конкуренцијата меѓу европските играчи во авиосообраќајот.
Вчера министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски најави дека и в година Владата ќе одвои 1,7 милиони евра како поддршка на проектот за финансиска поддршка за нови дестинации. Од Министерството изјавија дека од Европската комисија во Брисел нема стигнато никаква забелешка за владините субвенции во авиосообраќајот, иако минатата година од Европската комисија за транспорт и регионална политика потврдија дека се загрижени за форсирањето на само една компанија со пари на даночните обврзници и ставањето на други субјекти во нерамноправна положба на пазарот.
ЕУ ПОЧНАЛА ИСТРАГА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ВИЗЕР
Станува збор за унгарската компанија Визер која добива владини субвенции од 2012 година.
Министерот Горан Сугаревски на претставувањето на Буџетот за 2018 година рече: „Со оглед на тоа дека договорот со актуелната компанија која добива финансиска поддршка од Владата истекува во 2018 година, планираме да распишеме нов јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни компании“.
Но, редовните авиокомпании кои летаат кон големите аеродроми во Европа од каде можат да се фатат конекции за прекуоекеански летови си заминуваат. Минатата година од македонскиот пазар се повлекоа италијанската „Алиталија“, швајцарската „Свис“ и чешката „Чех ерлајнс“.
Другите компании што останаа да оперираат од Скопскиот аеродром обвинуваат за нетранспарентно делење на субвенциите, со што тие ставаат во нерамноправна положба наспроти субвенционираниот унгарски превозник. Во нерамноправна положба се и патниците на тие компании, што платиле цена со сите додатоци за аеродромска услуга, наспроти патниците на „Виз ер“ на кои дел од картата им ја плаќаат сите останати граѓани на Република Македонија. Практично, македонските даночни обврзници им ги плаќаат и картите на патниците од Косово и од јужна Србија затоа што се субвенционираат сите патници на Визер а не само носителите на македонски пасоши.
ТАВ НЕ КОМЕНТИРА ДАЛИ ВЛАДИНИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ВИЗЕР ГИ ИЗБРКАА АЛИТАЛИЈА И ЧЕХ ЕРЛАЈНС
Унгарската „Виз ер“ минатата година оствари 54,8 проценти од целиот сообраќај на Скопскиот аеродром, што ја прави компанија број 1 во Македонија. Успехот делумно се должи на субвенциите што приватната унгарска компанија ги добива од буџетот на македонските граѓани по две основи – еднократно за секоја нова дестинација и плус за секое продадено седиште.
Во Министерството за транспорт не гледаат проблем во нелојалната конкуренција која имаат намера да ја поттикнуваат по урнекот на Владата на Груевски. Велат дека напротив, со субвенциите ќе го развиваат авиосообраќајот.
Согласно програмата на Владата, Охридскиот аеродром ќе го промовираме во нискобуџетен аеродром, односно аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат евтини летови за бројни атрактивни дестинации. Владата нема намера да воспостави нелојална конкуренција, наспроти тоа, со ова се овозможува развој на авиосообраќајот во Република Македонија како и искористување на капацитетите на аеродромите во Скопје и Охрид, велат од Министерството за транспорт и врски.
Претставник на австриската авиокомпанија Аустриан ерлајнс, дел од групацијата Луфтханза лани во мај ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот. Претставка до Брисел има испратено Приштинскиот аеродром.
АВСТРИСКАТА АВИОКОМПАНИЈА ЈА ОБВИНИ МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НЕЛОЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА
Од кабинетот на министерот Сугаревски велат дека до Министерството за транспорт и врски нема пристигната никаква официјална реакција од страна на Европската Комисија во врска со преставки
Сепак, Европската комисија (ЕК) уште на почетокот на 2016 година почнала истрага во врска со субвенциите што македонската влада ги дава на унгарската компанија Виз ер и побара од македонските власти информации за поттикнување на нелојална конкуренција што може да го наруши договорот за Европскиот заеднички воздухопловен простор (ЕЕАЦ), чиј потписник е и Македонија.
БРИСЕЛ ЗАГРИЖЕН ЗА СУБВЕНЦИИТЕ ШТО МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ГИ ДАВА НА ВИЗ ЕР
Субвенциите за одредени авиокомпании како проблем се споменуваат и во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.
Извор: sdk.mk