Граѓани креираа онлајн петиција за воведување работно време од 7:00 до 15:00 часот. Петицијата е адресирана до Владата на Република Македонија и до релевантните министерства и институции и во неа граѓаните аргументираат зошто е подобро повторно да се врати старото работно време.
Поголема посветеност на работата – човековото тело и човековиот ум се поефикасни во утринските часови
Потребно е воведување на работно време од 7:00 до 15:00 часот затоа што тоа значи поголема посветеност на работата бидејќи човековото тело и човековиот ум се поефикасни во утринските часови. Исто така, тоа значи поголема заштеда на електричната енергија (во лето за ладење, а во зима за греење), но и поголема посветеност на семејството, а посебно со цел поголема улога и одговорност во правилното воспитување на сопствените деца. Со воведување на работно време од 7:00 до 15:00 часот ќе има повеќе време за факултативни активности и хобија што ќе овозможат подобрување на општата здравствена состојба на вработените, како и паметно организирано време во текот на денот - нагласуваат граѓаните во петицијата.
Оваа петиција, посочуваат граѓаните, ќе биде доставена до Владата на Република Македонија, до Министерство за труд и социјална политика и до синдикатите на јавниот и приватниот сектор.
Новото работно време е контрапродуктивно
Прашањето за враќање на старото работно време во јавноста не се актуализира за првпат. Претходно и од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија – УПОЗ, истакнаа дека повторно ја реактивираат Иницијативата за промена на работното време, која претходно била расправана од страна на работната група формирана од Економско-социјалниот совет на РМ и за која се согласиле претставници на ресорните министерства, синдикатите и работодавачите.
Податоците од анкетата што ја направил УПОЗ за потребата од менување на работно време, како што велат од УПОЗ, покажуваат дека за над 75 проценти од испитаниците, кои биле опфатени со анкетата, новото работно време е контрапродуктивно и поради тоа бараат негово менување.
Според УПОЗ, новото работно време е контрапродуктивно. Резултатите од анкетата, велат од УПОЗ, не беа изненадувачки. Работното време (и потребата од негова промена) и понатаму е на врвот на листата на барања на членовите на Синдикатот на УПОЗ.
Рамнотежа меѓу работата и приватниот живот
Во публикацијата „Пристојно работно време – Урамнотежување на потребите на работниците со барањата на работното место на Меѓународната организација на трудот“, на која упатува и Организацијата на работодавачи на Република Македонија, се вели дека пристојното работно време им помага на работниците да постигнат подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот.
Со пристојното работно време истовремено се унапредува конкурентноста на претпријатијата. Бројот на работни часови е еден од најважните фактори во одредувањето дали нечија работа е компатибилна со семејните одговорности и погенерално со животот надвор од работа - се вели во публикацијата.
Да се стави акцент врз важноста за флексибилноста на пазарот на трудот
Правото за користење флексибилно работно време, нагласуваат и од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, би овозможило да се балансираат различните интереси на работникот и работодавачот. Целта е да се стави акцент врз важноста за флексибилноста на пазарот на трудот и да се адаптираат работните часови и работното време соодветно со зголемувањето на разновидноста во начинот на живот и подемот на семејствата со двајца вработени родители.
Флексибилното работно време овозможува простор во работата врз основа на личните потреби за флексибилност на работникот. Во однос на жените, флексибилното работно време овозможува подобра адаптација помеѓу нивните одговорности кон работата и семејството. Флексибилното работно време треба се имплементира како нов член во Законот за работни односи - посочуваат од „Фајнанс тинк“.