Мобилните плаќања на голема врата доаѓаат ширум Европа и според најновите прогнози до 2020 година мнпгу бесконтактни трансакции ќе се вршат токму преку уредот кој денес речиси сите го поседуваат, а тоа е паметниот телефон. Анализите укажуваат на многу позитивни трендови на поголема употреба на смартфон плаќањата кои ќе надминат половина од сите електронски трансакции за две години.
Токму затоа се очекува да се разгорува битката меѓу технолошките гиганти како Apple, Samsung, Huawei, Google и Amazon, финансиските институции како банки и платежни компании и секако самите трговски гиганти кои постојано се трудат да обезбедат нови муштерии и да им овозможат полесен пристап до нивните производи.
Ова особено се однесува на помладите генерации како и т.н. технолошки гикови кои многу лесно прифаќаат нови технологии и нови видови на електронски уреди. Паметните телефони одамна не се баук и практично деца знаат да ги ракуваат совршено работејќи со апликации и социјални мрежи.
Затоа и финансиските иновации мора да ги следат овие трендови, а никаков исклучок не е ниту Македонија. Речиси 70% од македонските корисници на паметни телефони располагаат со Андроиди од различни ценовни категории, а најважно е што повеќето од нив располагаат со NFC технологија, која е клучна за остварување на контактот меѓу смартфонот и платежниот терминал. Се што треба корисникот да направи е да го доближи смартфонот до терминалот и да го внесе кодот за верификација со што платежната трансакција веднаш ќе се изврши.
Во период кога големите сервиси како Apple Pay, Samsung Pay, Android Pay, Huawei Pay и уште многу други несопирливо галопираат освојувајќи ги светските пазари прашање на време е кога и македонските корисници ќе добијат сличен сервис на располагање. Плаќањето само со телефон на кој се поврзани банкарските картички е само прашање на време и неопходна иновација и на македонскиот пазар.
Принципот е сличен како и кај бесконтактните платежни картички, но дури побрз и поефикасен бидејќи не треба корисниците повеќе да носат поголеми количини на кеш со себе, ниту пак да организираат паричникот со еден куп банкарски и други видови на картички.
Од примена на мобилен бесконтактен платежен систем придобки ќе има за сите, од самите корисници кои ќе заштедат на време и ќе добијат безбедно располагање со средствата, па се до самите трговци кои ќе привлечат нови корисници и секако финансиските институции кои се залагаат за надминување на употребата на готовина во прометот.