Што е мобинг? Дали секоја непријатна и неквалитетна комуникација со претпоставените е мобинг?
Во нашата држава правната терминологија за зборот мобинг го користи терминот „вознемирување на работното место”, а ги опфаќа психичкото и половото вознемирување на работното место.
Се почести се случаите на вознемирување на работното место или т.н. мобинг, а се поретко се зборува за истиот. Мобинг е секое негативно психичко и/или полово однесување на работното место.
Имено, психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување што се повторува континуирано и систематски и претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа.
Половото вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот/вработените, кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.
Ако препознаете мобинг на вашето работно место, еве неколку совети како да се заштитите:
1. Одлучно обратете и се на личноста која ви врши мобинг и предупредете ја да престане. Објаснете дека тоа однесување не е прифатливо за вас.
2. Водете дневник – бележете го датумот, времето и ситуацијата со што е можно повеќе детали. Напишете и име на сведок, доколку го има.
3. Чувајте копии од писма, e-mail-ови, факсови и пораки кои ги добивате од личноста која ве малтретира.
4. Охрабрете се да го известите надредениот во вашата компанија за ситуацијата и малтретирањето, ако има услови, обратете се и до генералниот директор. Имате потполно право на заштита!
5. Не враќајте со иста мерка, бидејќи така потешко ќе докажете дека вие не сте злоставувач, туку дека сте злоставуваната личност во ситуацијата.
И секогаш запомнете, никој нема право да управува со вас и да го нарушува вашиот мир. Не двоумете се да побарате заштита, нема да згрешите!
Законот за заштита од вознемирување на работното место предвидува да секој кој се чувствува дека е вознемируван на работното место, писмено да се обрати до оној кој вознемирува со таканаречено „Писмено предупредување” со кое ќе му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел решавање на спорната состојба, односно случај без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и да го предупреди моберот дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане.
Освен тоа, жртвата пред поднесување на тужба пред надлежен суд може да поднесе и „Барање за заштита од вознемирување на работното место” до работодавачот, во кое ќе наведе негови податоци, и податоци за оној кој вознемирувал, како и нивните работни позиции, краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работно место, траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работно место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување и наведување на факти и докази.
Оваа постапка е позната како постапка на посредување, која е интерна и со цел брзо, мирно и вонсудски решавање на спорот.